Огнен Анѓушев и Ангел Анѓушев, заедно со охриѓанецот Кирил Спасески, со чие семејство Кочо Анѓушев е во партнерски однос во инвестирањето во првата биогасна централа во Сарамзалино, од крајот на минатиот месец се нови сопственици на фармата, на местото на познатиот земјоделец Никола Петковски.
Од тимот кој го застапува Анѓушев во односите со јавност ни рекоа дека на земјиштето ќе продолжат инвестициите во примарната дејност, житни култури, но сега од нив ќе се прави погонско гориво во биогасната електрана, каде заедно со органскиот отпад ќе се прави електрична енергија од биогас.
„Сопственици на Ерџелија полјоделство се 50 отсто Ангел и Огнен Анѓушеви и 50 отсто сопствениците на АСП-ПАК Охрид. Станува збор за земјоделска површина од 1.350 хектари, на која ќе се одгледува пченица, јачмен, ‘рж и пченка, за потребите на производство на силажа како гориво за биогасната електрана Сарамзалино, која произведува еколошка електрична енергија, а како нус продукти излегуваат хумус, органско ѓубриво и топла вода за оранжерии“, информираат од таму.
За потребите на биогасната електрана досега веќе се засејувале 1.200 хектари во Овчеполието, а со новите површини на Полјоделство Ерџелија бројката ќе се зголеми на вкупно 2.600 хектари квалитетно плодно земјиште, што беше најавено минатиот ноември.
„Јас сакам да тргнам со еден нов концепт, кој во светот е препознаен и јасен, а тоа се вика земјоделско-енергетски комбинат. Ако порано ние сите знаевме што е земјоделско-индустриски комбинат, познатите ЗИК-ови што ги знаевме од времето на социјализмот, денеска тоа се менува и се вика ЗЕК“, рече Анѓушев кога го објави проектот пред седум месеци на одбележувањето на 20-годишнината од „Фероинвест“.
Фармата „Ерџелија“, отворена во 2006, е позната по тоа што располага со високообработлива земја и производството на млеко од крави, но и жита и сончоглед. Минатата година имала приход од околу еден милион евра со 15 вработени, иако имало и години кога резултатот во работењето бил подобар.