Со извикување „Нема плата за уставен“ тие предупредија дека доколку уставните судии донесат конечна одлука која ќе значи да го нема тоа покачување од 30 отсто и дека, како што наслушнале, ќе треба да ги вратат тие парите кои ги добиваа како додаток, дека ќе продолжат да протестираат со неработење што ќе значи дека ќе нема плати за јавниот сектор и за судиите.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски изјави дека бараат средба со претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска за да им каже кога Уставниот суд ќе ја донесе конечната одлука и дали се планира како што се зборува да ја поништи одредбата од Законот и вработените кои протестираат да ги враќаат парите“.
„Претседателката на Уставниот суд да ни објасни како тоа во најбрз можен рок се зема во работа иницијативата поведена од граѓанинот против членот 63 став 3 од Законот за буџети со која што се донесе времена мерка и за која што на вработените во Министерството за финансии и сите органи во состав на Министерство за финансии нема веќе да им се исплаќа додатокот, односно надополнувањето на плата за 30 проценти. Сакам да ја прашам претседателката на Уставниот суд да ни објасни како тоа сите иницијативи за нивните плати се одбиваат, а иницијативата за нашите плати веднаш беше усвоена“, изјави Деановски.
Сакаат да ја прашаат претседателката на Уставниот суд како кај нив е регулирано и на кој начин вработените во Уставниот суд земаат плата.
„Дали имаат закон, дали имаат колективен договор или по некој друг подзаконски акт се зема плата. И дали и кога ќе бидат земени во работа сите иницијативи кои се поднесени од сите синдикати за платите на уставните судии. До кога во нашата држава кадија те тужи, кадија те суди системот ќе функционира. Како можеше уставните судии да си изгласаат покачување 78 проценти на нивните плати кои тогаш беа 50 проценти поголеми од нашите, а сега нивните плати се 10 пати поголеми од платите на вработените во Министерството за финансии, Бирото за јавни набавки и Управата за имотно правни работи“, рече Деановски.
Тој најави дека ќе доаѓаат на протести пред Уставниот суд до крајот на неделава.
Вработените во Министерството за финансии засегнати со времената мерка вчера протестираа пред Министерството за финансии. Порачаа дека постои опасност од затворање на трезорот, доколку Уставниот суд одлучи да се запре надополнувањето на платите за 30 отсто. Исто така, работата на Бирото за јавни набавки ќе прекине, со што ниту една институција во државата нема да може да набави било што и да биде потребно за вршење на нивната работа, а Управата за имотно правни работи нема да ги работи експропријација на Бехтел и Енка.
Уставниот суд на седница на 5 декември поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30 отсто на платите на вработените во Министерството во финансии и органи на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот.
Како што информираа од Уставен суд, донесена е времена мерка до конечна одлука, што значи додека Судот конечно не е произнесен.
Подносителот на иницијативите Mирослав Драганов ги оспорува автентичното толкување на членот 66 став 3 од Законот за буџети и член 66 став 3 од Законот за буџети.
Според подносителот на иницијативата не е јасно кои вработени имаат право на дополнување на основната плата од 30 отсто, кои биле работните места со соодветни специфики и посебни одговорности и врз основа на што се определуваат овие места и кој ќе ги определува. Наведено е дека со самата законска одредба се воведува основ за арбитрерно постапување на органот на државната управа при определување кој има право на пропишаниот додаток.
Во иницијативата има наводи дека вработените во Министерството за финансии кои вршат специфични работни задачи и имаат посебна одговорност се доведуваат во неосновано привилигирана положба во однос на граѓаните кои се вработени во други органи на државната управа и вршат специфични задачи и имаат посебна одговорност, со што се ставаат во нерамноправна положба.
Според подносителот, со автентичното толкување, Собранието постапило спротивно на Уставот и на Деловникот бидејќи во постапката за давање автентично толкување на член 66 став 3 од Законот за буџети ја изменило толкуваната одредба со воведување на нови елементи и како последница на тоа била изменета и дополнета законската одредба спротивно на постапката за донесување на закони.
Покачувањето на платите беше реализирано по барање на министерот за финансии Фатмир Бесими и одобрено од парламентот. Неговото образложебние беше дека вработените заминуваат на други места со подобра плата и дека министерството и органите ќе се соочат со намален капацитет. Но ваквата одлука потоа создаде револт кај вравотени во други државни служби кои од поодамна бараа покачување на платите и сметаат дека се дискриминирани.