вторник, 22 октомври 2024

Сиљановска на Пелинце: Нашето место е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура…  

Асномските документи пулсираат со европските прогресивни идеали и се повикуваат на правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите. И денес, нашата независна република е компатибилна со проектот за обединета Европа бидејќи во нашите асномски темели се препознаваат напредните европски вредности, рече претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова на чествувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката што под нејзино покровителство се одржа во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

 

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката Сиљановска Давкова положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце и ја посети спомен собата во Меморијалниот центар. Во рамки на чествувањето настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец”.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова рече дека на 2 Август 1944-тата, пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи.

Според претседателката Сиљановска Давкова, успехот на републиката се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им нуди еднакви шанси за напредок на сите.

Македонските институции се подготвени за европските реформи, но од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите, рече таа. Нашето место, рече претседателката, беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија.

„Секоја генерација има право и должност да го обнови духот на републиката и да го усогласи со новите околности и новите можности. Ако денес, 80 години потоа, ги прашате младите генерации, кое човеково право им е најважно, верувам дека огромен дел од нив ќе речат – правото на напредок, правото на потрага по среќа. Потрагата по среќа, за мене, не е холивудско клише, туку насушна потреба на човекот осмислено да придонесува за доброто на заедницата во која и самиот припаѓа. Ова право, што најпрво било прокламирано со Американската револуција, и било потврдено со Француската револуција, било прегрнато од нашите илинденци и асномци и, преку нив, вградено во македонската република.

И тоа не е случајно, бидејќи републиката постои заради граѓаните, заради вас, за да им овозможи, за да ви овозможи, да ја достигнете среќата, да создавате вредности, да напредувате не врз основа на врски, привилегии и протекции, туку само и само со врз основа на знаењето, квалитетот и способностите. Тоа е целта на постоењето на секоја република, вклучително и нашата, независна македонска република. Во 1991 година, таа беше конституирана за да ‘се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок’, повторувам, ‘напредок на личниот и заедничкиот живот’. Повеќе од многу други човекови права и слободи, токму правото на напредок, на потрага по среќа е сврзано со младите. Тоа е нервот што ги придвижува младите луѓе, ги мотивира да се надградуваат, да се натпреваруваат, да бидат активни, да бидат граѓани коишто се залагаат за позитивни општествени промени. И затоа, повеќе од многу други права, токму од правото на прогрес зависи иднината на републиката“, рече Сиљановска Давкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ