четврток, 25 јули 2024
Претседателката во посета на ГШ на АРМ и на МО

Сиљановска Давкова се заложи за повеќе вложувања во армијата

Претседателката на Македонија и врховен командант Гордана Сиљановска Давкова денеска ја оствари првата посета на Генералштабот на Армијата и на Министерството за одбрана и истакнала дека во Армијата како институција со најголема доверба во државата и докажан сојузник во Алијансата е неопходно понатамошно вложување за подобрување на условите за живот и работа во сите сместувачки капацитети, како и во армискиот полигон Криволак.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката изразила очекување Армијата, како и досега, да продолжи со истата посветеност да ја исполнува својата уставна должност, да го штити територијалниот интегритет и независност, а армиските припадници да продолжат да бидат пример за професионализам, дисциплина и посветеност, како што доликува на земја членка на НАТО.

Сиљановска Давкова остварила средби со министерот за одбрана Владо Мисајловски, со началникот  на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, како и со генералите во Армијата и раководни лица во Министерството за одбрана на кои била информирана за актуелната состојба, процесите на трансформација и модернизација и опремување, обуката и активностите кои се од значење за извршување на мисијата на Армијата, како и учеството во операциите со кои придонесуваме во колективната безбедност.

– На тет-а-тет средбата меѓу министерот Мисајловски и претседателката Сиљановска Давкова, беше потврдена посветеноста за унапредување на безбедноста, мирот и стабилноста во земјава, регионот, Европа и пошироко. Беше констатирана заложбата дека Македонија потребно е да има брз економски напредок, сигурна и стабилна иднина, се наведува во соопштението од Генералштабот на Армијата.

Претседателката Сиљановска Давкова и министерот Мисајловски потенцирале дека припадниците на Армијата имаат најголема почит и доверба кај македонските граѓани и дека ќе преземат максимални напори за континуиран развој и напредок на одбраната. Во тој контекст, тие истакнале дека македонската Армија, заслужува да има современа опрема, а нејзините припадници можност за развој и напредок во кариерата.

Се разговарало и за идните вложувања во одбранбениот сектор и модернизација, јакнење на меѓународната одбранбена соработка со сојузниците и партнерите, како и унапредување на стандардите и условите за работа на припадниците на Армијата.

Во контекст на колективната безбедност, се додава во соопштението, Мисајловски истакнал дека активно ќе партиципираме во операциите за заштита на регионот и источното крило на Алијансата.

На средбата со генералот Ѓурчиновски биле посочени и очекувањата во остварување на планираните процеси и евентуалните предизвици со кои може да се соочиме во областите од значење за функционирање на Армијата.

Претседателката и врховен командант на Армијата, согласно законските одредби е надлежна за најголем дел од суштествените прашања во одбраната, меѓу кои и за донесувањето на стратегијата и планот на одбраната, организацијата и формацијата на Армијата, прописите од борбената готовност и поставувањето на главните раководни позиции во Армијата со генералски чинови. 

Инаку, за време на церемонијата се случи гаф на претседателката, која наместо да застане во иста линија со министерот и генералот, се заврте кон воениот оркестар.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ