недела, 21 јули 2024

Сиљановска Давкова на самит во Швајцарија, утре ќе говори како до мир во Украина

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска присуствуваше на отворањето на Самитот за мир во Украина, што се одржува во Бургеншток, на езерото Луцерн во Швајцарија, информираат од кабинетот на шефицата на македонската држава. Предвидено е претседателката на Македонија утре да има свое обраќање на самитот.

Објавено на

часот

Сподели

„Собирот во Швајцарија на кој присуствуваат 100 делегации од целиот свет има цел да воспостави форум за дијалог на високо ниво за начините за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир за Украина во согласност со меѓународното право и Повелбата на ОН“, потсетуваат од кабинетот на претседателката на Македонија.

Инаку, како што јавуваат светските агенции на отворањето на самитот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен изјавила дека замрзнувањето на конфликтот во Украина не е решение, туку е рецепт за идни војни.

„Наместо тоа, неопходно е да се поддржи сеопфатен, праведен и одржлив мир за Украина. Оној кој и го враќа суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, рече Фон дер Лаен.

Од друга страна, германскиот канцелар Олаф Шолц се изјасни за вклучување на Русија во мировниот процес за Украина, јави ДПА.

„Точно е дека мирот во Украина не може да се постигне без вклучување на Русија“, нагласи Шолц повикувајќи ја Русија целосно да се повлече од делумно окупирана Украина.

„Русија би можела да ја заврши оваа војна денеска или во секое време, доколку ги запре нападите и ги повлече своите трупи од Украина“, додаде Шолц.

Германската влада лобираше за учество на Кина, но Пекинг одби да учествува.

Самитот на кој присуствуваат околу 100 делегации почна без францускиот претседател Емануел Макрон, кој доцни, пренесуваат швајцарски медиуми.

Дојче веле коментира дека се мали шансите мировниот самит што било да промени. Притоа се наведува дека од поканети 160 шефови на држави или на влади, поканата ја прифатиле 100 делегации, а многу земји се претаставени на пониско ниво, поточно присутни се 57 шефови на држави или влади.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ