Сиљановска Давкова на настанот, како што се наведува во соопштението го акцентирала визионерството на великиот Шаип Јусуф, авторот на првата ромска граматика, чиј сон за стандардизиран ромски јазик стана вреден дел од македонската мултијазична образовна, културна и социјална приказна, но и инспирација и поттик за борба за слични национални дострели на Ромите ширум светот.
За неа, остварените постигнувања на учениците говорат за нивното вредно учење и искрена верба во моќта на знаењето, но и за посветената педагошка работа на нивните професори, како и за успешниот гимназиски менаџмент.
„Се чувствувам среќна, но и горда што денес со свечена академија одбележуваме 10 години од почетокот со работа на средното училиште ‘Шаип Јусуф’. Некој ќе рече мал јубилеј, но огромен по своето значење. Во модерната училишна зграда во Шуто Оризари, средношколците учат да осознаат, да се почитуваат и да придонесуваат за развојот на општетството и државата. Визионерите имаат свои соништа и тие мудро оставаат траги како патеки за некои идни генерации да тргнат по нив и да стигнат до својата цел. Денес кога ова училиште слави значаен јубилеј, десет години откако се слушна првото училишно ѕвоно, верувам дека професорот Шаип Јусуф е среќен што неговите соништа токму тука се оствариле. Фатиле длабок корен. Скопјанецот Шаип ги задолжи сите Роми во светот објавувајќи ја пред четириесетина години Граматиката на ромскиот јазик. Тоа е огромно дело, цивилизациски придонес. Во вашите училишни кабинети, училници и коридори шета визионерскиот дух на Шаип. А јас гледам дека и паролата на училиштето совршено се вклопува во неговата мисија којашто вие ја продолжувате: Напредокот и развојот на секоја држава зависи од образовниот профил и од обрзовниот кадар во државата“, нагласила Сиљановска Давкова.
Во многубројните награди во спортот, ликовната уметност, јазиците, ораторството, математиката и правото, како што се наведува во соопштението, таа препознава јасно оспорување на стереотипите за Ромите и незапирливо охрабрување за нивно уривање.
Според претседателката, широката и плодна соработка со другите средни училишта, но и со низа високообразовни институции и компаниии е неспорен доказ за континуираниот образовно -педагошки раст и лидерство на „Шаип Јусуф“.
„Сигурно ви е познато дека македонската држава и Владата имаат зацртана Стратегија за инклузија на Ромите, а токму постоењето на ова училиште е доказ како тоа изгледа во практиката. Делата кажуваат повеќе од зборовите. Во ова училиште во моментов има околу 300 ученици, а јас би посакала тоа да работи во полн капацитет којшто е седумстотини, и верувам дека тоа е можно. Вие со вашите успеси ги мотивирате другите. Ученици од ова училиште освоиле многу награди во спорт, ликовни уметности, јазици, ораторство, актерство, математика и по мојот омилен предмет и дисциплина– правото, а тоа верувам дека ќе ги мотивира Ромите да се запишуваат во сè поголем број во ова училиште. Тука се добива знаење, но се уриваат и табу-темите и стереотипите, од кои знаеме дека страдаат Ромите. Продолжете да ги уривате стереотипите. Вашиот извонреден проект ‘Mission Red’ за менструалното и репродуктивното здравје е препознаен и финансиран од странската компанија ‘Ди-ем’. Честитки за тоа! Јас верувам во вас, во овој колектив којшто со посветеност создава една успешна приказна. Вие ја продолжувате мисијата и визијата на професорот Шаип Јусуф“, порача претседателката.
Таа потсети на меѓународната мисија на „кралицата на ромската музика“ Есма Реџепова, чиј глас ги проби и надмина националните, регионалните и европските граници, автентично ширејќи ги ромската песна и јазик како препознаен, признат и неразделен дел од надалеку познатото македонско, мултикутурно музичко наследство.
„На крајот, честитајќи ви го десетгодишниот јубилеј, само сакам да се потсетиме на една скопјанка позната во светот како ‘кралица на ромската музика’ – Есма Реџепова. И таа имаше мисија, визија и глас којшто не само што пробиваше граници, туку уриваше и стереотипи и помогна светот подобро да ги осознае Ромите. Таа на Евровизискиот фестивал во Малме, еден дел од песната испеа и на ромски јазик, и тоа беше нешто што за прв пат се случило. Еве што еднаш кажа Есма:’Ромите се космополити, благороден и добар народ, никогаш досега немаат окупирано и војувано со некој. Сакаат да живеат заеднички, но само доколку некој им подаде рака’. Ние ја подадовме таа рака и треба да сме горди на она што го постигнавме и се трудиме да бидеме подобри – да градиме општество на рамноправни граѓани. А, Ромите се неизоставен дел од нашата успешна македонска приказна“, нагласи претседателката.
На настанот говореше и директорот на училиштетото, м-р Доан Сулејмановски, кој им се заблагодари за извонредните успеси и дострели на учениците, професорите и сите вработени и накусо се осврна на прекрасниот развоен пат.
Во рамки на културно-уметничката програма свој настап имал училишниот оркестар кој изведе филмска музика, сплет на традиционални народни ора и композиција на Дмитриј Шостакович. За досегашната работа на училиштето беше прикажан документарен филм подготвен од наставниот кадар и од учениците.
СУГС „Шаип Јусуф“ е прво средно училиште во општина Шуто Оризари. Учениците посетуваат настава во различни насоки од стручното образование и тоа: економско-правна и трговска, градежна-геодетска струка, здравствена струка, лични услуги и угостителско-туристичка струка.