недела, 16 февруари 2025

Иран тестираше ракета со која може да ги гаѓа американските бродови во Персиски Залив (ВИДЕО)

Иран тестираше противбродска крстосувачка ракета која има дострел над 1.000 километри и може да стигне до американските бродови во Персиски Залив и Оманско Море, јави иранската државна телевизија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е Гадр-380. Има дострел од над 1.000 километри. Може да се спротивстави на електронско попречување“, порача генералот Али Реза Тангсири, шефот на морнарицата на иранската Револуционерна гарда. Во извештајот не е наведено каква боева глава носел проектилот, ниту кога е извршено тестирањето.

Тангсири истакна дека овие проектили „можат да создадат пекол за непријателските воени бродови“. Во извештајот се наведува дека новото оружје е „софистициран проектил“ кој може да се лансира од подземен лансер. Проектилот за време на тестирањето бил истрелан од централен Иран во Оманско Море, се наведува.

Проектилот може да го подготви и лансира еден член на екипажот за помалку од пет минути. Иран има низа подземни објекти низ земјата и долж јужниот брег. Техеран тврди дека веќе има проектили кои можат да летаат 2.000 километри, со што го имаат во дострел поголемиот дел од Блискиот Исток, вклучувајќи го Израел.

Лани Иран истрела стотици проектили на Израел во два посебни напади во април и октомври. Израелците тврдеа дека пресретнале поголем дел од проектилите.

По крвавата осумгодишна војна меѓу Иран и Ирак во 1980-тите, кога двете земји со проектили гаѓаа градови, Иран разви сопствена програма за балистички проектили како средство за одвраќање, особено поради тоа што ембаргото на ОН на оружје ги спречува да купуваат високотехнолошки оружени системи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ