петок, 25 октомври 2024

Си-ен-ен: Руска ракета погоди на само 500 метри од Мицотакис и Зеленски

Руски проектил експлодирал на само 500 метри од украинскиот претседател Володимир Зеленски и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на нивната посета на Одеса во средата, објави во четвртокот Си-ен-ен, цитирајќи добро информиран извор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Конвојот со двајцата функционери го почувствувал ударот, а неговите членови виделе чад од експлозијата, според изворите. Во нападот загинале пет лица, а неколку други се повредени, рекол за американскиот медиум портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук.

Зеленски често оди во ризични посети на првите линии на битките и им беше домаќин на десетици светски лидери во Украина за време на повеќе од двегодишната војна со Русија.

Нападот во средата претставуваше најголема закана за неговиот живот досега, а близината на експлозијата до Мицотакис, премиер на членка на НАТО, ги истакнува опасностите од ваквите посети и потенцијалните последици од конфликтот врз пошироката светска безбедносна ситуација, пишува Си-ен-ен. Посетата на грчкиот премиер не беше однапред најавена од безбедносни причини.

„Го видовме денешниот напад. Гледаме со кого си имаме работа, не им е гајле каде напаѓаат. Знам дека денеска има жртви, сѐ уште не ги знам сите детали, но знам дека има мртви и повредени“, изјави Зеленски по нападот.

Мицотакис рече дека нападот е „најдобар, најјасен потсетник дека овде се води вистинска војна“.

„Војната овде се води секој ден и таа ги погодува не само фронтот и војниците, туку и нашите невини сограѓани“, додаде тој.

Во средата, тој и Зеленски прошетаа низ пристаништето во јужна Украина, кое е клучно за извозот на жито преку Црно Море, а украинскиот претседател го информираше шефот на грчката влада за напорите што се прават за „обновување и зајакнување на тој украински поморски пат“, објави агенцијата АФП.

До крајот на договорот за жито со Русија во јули 2023 година по таа рута беа извезени 28 милиони тони украински житарки. Русија се повлече од тој договор поради тешкотии во извозот на сопствените земјоделски производи поради бирократските пречки од Западот.

Во август истата година Украина еднострано отвори друга извозна рута и покрај заканите од Русија за одмазднички мерки против украинските бродови што влегуваат и излегуваат од украинските пристаништа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ