недела, 20 октомври 2024

Си-ен-ен: Протекоа американски разузнавачки податоци за израелски напад на Иран

Соединетите Американски Држави го истражуваат протекувањето на високо доверливи разузнавачки податоци кои се однесуваат на израелски планови за напад на Иран, тврдат три лица запознаени со случајот, јавува Си-ен-ен. Едно од тие лица ја потврдило автентичноста на документите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Истекувањето на документите е исклучително загрижувачко, изјави американскиот службеник за Си-ен-ен.

Документите од 15 и 16 октомври почнаа да кружат по интернет вчера откако беа објавени на Телеграм преку профилот Блискоисточен набљудувач (Middle East Spectator).

Означени се како строго доверливи и носат ознака која упатува дека се наменети исклучиво за САД и нивните сојузници од мрежата „Пет очи“ – Австралија, Канада, Нов Зеланд и Британија.

Во нив се опишуваат подготовките кои Израел, по сè изгледа, ги презема за напад на Иран. Еден од документите, составен од Националната агенција за геопросторна разузнавачка служба (НГА), наведува дека плановите вклучуваат преместување на израелско оружје.

Друг документ, заснован на податоци на Националната безбедносна агенција (НСА), ги опишува израелските воени вежби на воздухопловните сили кои вклучуваат ракети воздух-земја, а за кои исто така се верува дека се дел од подготовките за напад на Иран. Си-ен-ен не ги цитира ниту ги покажува документите.

Истрагата за можна кражба на доверливи документи на Пентагон е насочена кон идентификување на лицата кои имале пристап до документите, потврдил американскиот извор. Секоја слична ситуација автоматски би почнала истрага на ФБИ, со вклучување на Пентагон и американските разузнавачки агенции. ФБИ одбил да го коментира случајот.

Протекувањето на доверливите документи се случува во исклучително чувствителен момент, пишува Си-ен-ен, во односите на САД и Израел, а речиси сигурно ќе предизвика гнев на Израел, кој планира напад на Иран како одговор на иранскиот ракетен напад на 1 октомври.

„Ако е точно дека тактичките планови на Израел за напад на Иран протекле, тоа е сериозен безбедносен пропуст“, изјави Мик Малрој, поранешен заменик помошник на министерот за одбрана за Блискиот Исток и пензиониран офицер на ЦИА.

Малрој додал дека идната координација меѓу САД и Израел би можела да биде доведена во прашање. „Довербата е клучна компонента на односите, и во зависност од начинот на кој се случило протекувањето, таа доверба може да биде нарушена“.

Друг американски извор кажа дека објавените документи се лоши, но не и страшни. „Ќе нè загрижи ако има уште“, кажал тој.

Сè уште не е јасно како документите станале јавни, ниту дали се хакирани или намерно проследени. САД се веќе на висок степен на готовност поради иранските хакерски напади – американските разузнавачки агенции во август објавија дека Иран хакирал документи од предизборната кампања на Доналд Трамп.

Големото протекување на американски разузнавачки информации минатата година исто така ги наруши односите на Вашингтон со сојузниците, вклучувајќи ги Јужна Кореја и Украина, откако 21-годишен припадник на американската воздухопловна национална гарда објави строго доверливи информации на платформата Дискорд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ