недела, 6 октомври 2024

Шведската влада ја означи Русија како најголема закана за неа и нејзините сојузници

Русија претставува најголема закана за Шведска и за нејзините сојузници до 2030 година, проценува шведската влада во најновата стратегија за национална безбедност.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за одбрана Пал Џонсон рече дека заканата од Русија ќе зависи од текот на војната во Украина, но дека таа е „подготвена да преземе големи политички и воени ризици“.

„Не треба да се исклучи оружен напад врз Шведска или нејзините сојузници“, се вели во најновата стратегија за национална безбедност на земјата.

Во јануари, командантот на вооружените сили им порача на своите сограѓани психички да се подготват за војна.

Во средината на јуни, руски воен авион го наруши шведскиот воздушен простор во близина на стратегиски важниот остров Готланд во Балтичко Море.

По руското заземање на Крим, Шведска почна да ги зајакнува своите воени сили, а по руската инвазија на Украина во 2022 година, одлучи да се приклучи во НАТО. Таа стана полноправна членка на западната воена алијанса во март 2024 година, по 200 години неутралност.

Во новата стратегија, Шведска ѝ посветува големо внимание на заштитата на своите стратегиски богатства, особено на северот на земјата, каде што во Кируна, Лапонија, во 2023 година беа откриени најголемите наоѓалишта на ретки метали во Европа.

Ретките земјини метали сочинуваат група од седумнаесет хемиски елементи во периодниот систем на елементи – петнаесет лантаноиди, скандиум и итриум. Нивната појава на Земјата е ретка, но тие се многу корисни во современите производствени процеси. Тие се користат во технолошката индустрија, производството на батерии, катализатори, за проектили и многу други работи, кои би можеле на ЕУ да ѝ обезбедат независност од Кина и Русија.

Тие се исто така важни за зелените технологии, вклучувајќи ги турбините на ветер и електричните возила.

Во моментов, 98 отсто од ретките метали што се користат во Унијата се увезени од Кина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ