петок, 14 март 2025

Што објави МКД.мк во декември 2019: РКМ на Капушевски увезува опасен отпад од Хрватска

На 20 декември 2019 година МКД.мк објави текст за тоа како македонската компанија РКМ Скопје во Македонија во повеќе наврати увезла цистерни на смеса на мазут со употребено масло од трансформатори од Хрватска, кое претставува опасен отпад. Ова за редакцијата тогаш го потврдија хрватските власти, но не и македонската царина која ни одговори дека „нема основа за сомневање за увоз на материи штетни за здравјето“.

Објавено на

часот

Сподели

Еве го текстот објавен пред шест години:

Македонската компанија РКМ деновиве би требало да се соочи со сериозни казни поради обидот во земјава да увезе најмалку десетина цистерни со мазут помешан со масло од трансформатори, екстремно опасна материја чие согорување мора да се одвива во посебни печки. За ова преку меѓународната асоцијација СЕЛЕК (Југоисточен центар за спроведување на законот) веќе биле информирани хрватските, романските и македонските власти.

И кога цистерните дошле до македонската граница со такво предупредување, македонската царина го утврдила токму спротивното.

Во врска со Вашето прашање, информираме дека е направено истражување како од наша страна, така и од страна на хрватските надлежни институции и по направената хемиска анализа утврдено е дека нема неправилности во документацијата ниту во декларираната стока и таа е ослободена. Хрватските надлежни институции направиле анализа во однос на штетноста на стоката и согласно со резултатите добиени по направените анализи немаме основа за сомневање за увоз на материи штетни за здравјето. Од наша страна известен е Државниот пазарен инспекторат, кој дополнително ќе преземе мерки за контролирање на исправноста на стоката по нивна надлежност“, ни одговорија од Царинската управа на Македонија.

Нивните колеги од Хрватска ни велат нешто сосема друго.

Министерството за финансии, Царинската управа во случајот за кој прашувате за транзит на стока преку Хрвaтска кон Република Северна Македонија, во соработка со надлежната инспекциска служба спроведовме надзор на овие пратки и во овој случај утврдивме неточно декларирање на стоката, во смисла дека се работи за превоз на опасен отпад. Затоа покренавме постапка поврзана со враќање на испраќачот, покренување на постапка, даден е и налог за прекршочна постапка во согласност со царинското законодавство. За останатите пратки за кои не е утврдена неправилност, овозможен е непречен превоз до крајното одредиште“, ни одговорија од Царинската управа на Хрватска.

Маслото од трансформатори претставува опасен отпад, екстремно канцероген и неговото согорување треба да се изведува во строго контролирани услови. Ова масло содржи силен отров PCB, остаток од употребено синтетичко масло. Овој отров се отстранува со специјални машини за чистење и транспортот на ова употребено масло е строго регулирано. Согорувањето на ова масло, без контрола и специјални услови, претставува сериозна опасност за загадување на воздухот.

Мешањето на ова масло во мазут значи добивање поевтин мазут и голема заработувачка на увозникот. Согорувањето на оваа смеса (мазут и употребено масло од трансформатори) претставува сериозна закана за квалитетот на воздухот, а продажбата на оваа смеса подразбира голема заработувачка на продавачот.

РКМ дооел Скопје е сопственост на Ратко Капушевски, а основана е на 13 ноември 2015 година. Капушевски беше в.д. директор на Националната агенција за европски образовни програми како кадар од подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој потоа неколку години работел и во компаниите на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Последните неколку месеци името на Капушевски се споменува и во уште една афера, поврзана со хотелот што Самсоненко го гради на плоштадот во центарот на Скопје. Самсоненко вели дека Капушевски бил човек на кого многу му верувал, но тој злоупотребувајќи ја таа доверба успеал да фалсификува некои документи за земјиштето и градбата на хотелот, во обид да му биде одземен на Русинот. Спорот е во тек. А според пишувањата на некои медиуми, во целата зделка е замешан и познат скопски бизнисмен близок до власта.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ