понеделник, 21 октомври 2024

Шпанскиот премиер се согласи да ја скрати работната недела. Сѐ поблиску е до останување на власт

Шпанските партии ПСОЕ и Сумар денеска постигнаа договор за формирање левичарска коалициска влада, што е прв чекор за актуелниот премиер Педро Санчез да остане уште четири години на власт. Договорот беше постигнат откако ПСОЕ на Санчез го прифати главното барање за намалување на работната недела од 40 на 37,5 часа.

Објавено на

часот

Сподели

Двете партии, кои имаат 152 пратеници во 350-члениот парламент, испратија заедничко соопштение по средбата меѓу нивните лидери Санчез и Јоланда Дијаз. По неизвесните парламентарни избори во јули, овие партии се надеваат дека ќе формираат нова влада во ноември.

Во претходната влада, Санчез беше претседател, а Дијаз беше потпретседателка на владата и министерка за социјални прашања. За да продолжат да управуваат со Шпанија, земја со 47,6 милиони жители која претседава со Европската унија до јануари, сè уште им е потребна поддршка од сепаратистичките партии на Каталонија и Баскија.

Санчез, поддршката од овие партии со која би дошол до мнозинството од 176-те места во парламентот, ќе ја побара за време на парламентарното гласање, веројатно следниот месец, бидејќи не е одреден конкретен датум.

За да ги придобие каталонските и баскиските партии – ЕРЦ, ЈхКат, ЕХ Билду и ПНВ – Санчез најверојатно ќе се согласи со нивното барање за амнестија на организаторите на забранетиот референдум за независност на Каталонија во 2017 година.

Дијаз му предложи амнестија на Санчез. „Овој договор за формирање влада за нов четиригодишен период ќе ѝ овозможи на земјата да продолжи да расте на одржлив начин, со квалитетно вработување, развојни политики засновани на социјална правда и заштита на животната средина“, наведоа Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) и Сумар.

Сумар обединува помали левичарски партии како Подемос, и беше формиран пред неодамнешните летни избори во јули. Двете формации порачаа дека ќе се борат за проширување на граѓанските права и слободи и за зајакнување на феминизмот.

Тие се надеваат на намалување на невработеноста кај младите, според која Шпанија традиционално е на врвот на ЕУ, на зајакнување на јавното здравје и олеснување на проблемот со домувањето бидејќи цените на киријата се на рекордно ниво во градовите како Барселона и Мадрид.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ