понеделник, 21 октомври 2024

Шолц ги призна грешките во работата на владата и својата одговорност

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги призна грешките во работата на владејачката коалиција сочинета од неговите социјалдемократи (СПД), Зелените и либералите (ФДП).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Како сојузен канцелар сносам одговорност за владата. Точка. Би било, значи, апсурдно да кажам дека немам ништо со тоа. За жал, ретко успевавме да донесеме важни одлуки без долготрајни расправи во јавноста. Тоа мораме да го признаеме, а јас можев да се воздржам“, кажа Шолц за неделникот Цајт.

На прашањето дали е тоа самокритика, тој одговори потврдно.

Владејачките партии во текот на досегашните повеќе од две и пол години мандат во јавноста понекогаш жестоко се расправаа, на пример околу законот за греење или детскиот додаток. Во истражувањата на јавното мислење стојат лошо, одамна немаат мнозинска поддршка.

Канцеларот, пак, вели дека е уверен дека нештата одат на подобро.

Надеж, според него, дава тоа што владата успеала да состави соодветен буџет, откако уставниот суд есеноска ја поништи нејзината одлука десетици милијарди евра од пандемискиот да ги префрли во климатскиот фонд.

„Заедно со одлуките за социјалната помош, миграциите и изградбата на објекти за соларна и енергија од ветер тоа може да биде добра основа владата повторно да ја придобие довербата“.

Шолц оцени дека расположението во земјата е немирно.

„Се чувствува економскиот и политички потрес кој го предизвика рускиот напад на Украина. Истовремено, постои чувство на неизвесност бидејќи, како економски силна земја, во моментов го поставуваме курсот така што за 20 и 30 години тука ќе има добри бизниси и ќе останеме технолошки предводник“.

Владејачката коалиција, додаде Шолц, не оди по лесен пат, туку на себе го презема решавањето на конфликтите. Во изминатите 10 или 15 години премногу остана несработено бидејќи владите ги избегнуваа конфликтите, смета тој.

Кога станува збор за јакнењето на Алтернатива за Германија (АфД), германскиот канцелар кажа дека „духот е пуштен од ламбата“.

Луѓето кои имаат десничарски ставови тешко ќе го сменат мислењето, но останатите треба да се убедат „со креирање на политиките кои ја водат нашата земја на вистинскиот пат и ги решаваат проблемите“, истакна Шолц и како пример ги издвои миграциите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ