Шолц во денешното интервју за телевизијата АРД брзо одговори со „да“ на прашањето дали е сигурен дека ќе биде кандидат на социјалдемократите за канцелар на изборите во 2025 година.
Шолц го призна лошиот резултат што социјалдемократите и двете други партии во неговата владејачка коалиција, зелените и либералите, го постигнаа на европските избори на 9 јуни. Заедно, трите партии добија помалку од една третина од вкупниот број гласови.
Но, Шолц рече дека не ги поддржува повиците за гласање на доверба во неговата влада во парламентот и дека нема да бара предвремени избори.
„Факт е дека владата има мнозинство во парламентот. Само што донесовме закони оваа недела во Бундестагот и имаме мандат да го исполниме и да ја завршиме својата работа. Тоа е она што го правиме“, рече Шолц, кој даде интервју пред напуштање на самитот на групата Г7 во Италија.
Опозициската Демохристијанска партија на десниот центар победи на европските избори, а екстремно десничарската Алтернатива за Германија, исто така, оствари добивки.