вторник, 22 октомври 2024

Шефот на НАТО: Пактот меѓу Русија и Северна Кореја покажува заемна поддршка на авторитарните сили

Новиот одбранбен пакт на Русија со Северна Кореја покажува зголемена усогласеност меѓу авторитарните сили и ја нагласува важноста на демократиите да претставуваат обединет фронт, изјави вчера шефот на НАТО.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша договор со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун кој вклучува обврска на заемна одбрана, потег што ја менува политиката на Москва кон Пјонгјанг.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Северна Кореја ѝ испорачала огромно количество муниција на Русија, додека Кина и Иран воено ја поддржуваат Москва во војната против Украина.

„Мораме да бидеме свесни дека авторитарните сили сè повеќе се усогласуваат. Тие меѓусебно се поддржуваат на начин кој досега не сме го виделе“, рече Столтенберг на панел дискусија за време на официјалната посета на Отава.

„Кога тие се повеќе и повеќе се обединети – авторитарните режими како Северна Кореја и Кина, Иран, Русија – тогаш е уште поважно да сме обединети како земји кои веруваат во слободата и демократијата“, рече тој.

„Зголемената блискост меѓу Русија и другите азиски земји значи дека е уште поважно НАТО да соработува со сојузниците во Азија и Пацификот“, рече генералниот секретар на алијансата, додавајќи дека затоа лидерите од Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја се поканети на самитот на НАТО во Вашингтон следниот месец.

Столтенберг, исто така, рече дека очекува Канада да ја исполни целта на НАТО за издвојувања на 2 отсто од бруто домашниот производ за одбрана.

Канадската либерална влада, која има инвестирано милијарди во социјални програми, троши само 1,37 отсто од БДП на својата војска. Во април објави план да достигне 1,76 отсто до 2030 година.

Другите членки на НАТО се „загрижени за фискалната рамнотежа, сакаат да трошат пари за здравство и образование“, рече тој, додавајќи дека „ако не можеме да го зачуваме мирот, тогаш она што го правиме за здравјето и климатските промени и образованието нема да успее“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ