недела, 21 јули 2024

Шефот на НАТО ѝ се закани на Кина

Шефот на НАТО за Би-би-си изјави дека Кина треба да сноси последици за поддршката на руската војна во Украина доколку не го промени своето однесување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Јенс Столтенберг рече дека Пекинг „се обидува да седи на две столчиња“ поддржувајќи ги воените напори на Русија додека ги одржува односите со европските сојузници.

„Ова нема долгорочно да функционира“, изјави Столтенберг за Би-би-си њуз за време на посетата на Вашингтон.

Во опширното интервју Столтенберг зборуваше и за нуклеарното оружје и трошоците за одбрана.

Неговите коментари доаѓаат откако Русија не покажува знаци дека ќе попушти во војната против Украина.

На мировниот самит одржан во Швајцарија минатиот викенд, десетици нации ветија дека ќе го поддржат Киев, но Русија го нарече самитот губење време и рече дека ќе се согласи на мировни преговори само доколку Украина практично капитулира.

Запрашан што би можеле да направат членките на НАТО за кинеската поддршка за Русија, Столтенберг рече дека има „тековна дискусија“ за можни санкции.

Тој додаде дека Кина „споделува многу технологии, како што е микроелектрониката, кои се клучни за Русија во изградбата на проектили и оружје што таа ги користи против Украина“. Тој изјави дека „во одреден момент треба да разгледаме некакви економски трошоци доколку Кина не го промени своето однесување“.

Од минатиот месец, Пекинг веќе е под одредени санкции поради својата поддршка за Русија.

САД најавија ограничувања кои се однесуваат на околу 20 компании со седиште во Кина и Хонг Конг. Кина ги бранеше своите зделки со Москва, велејќи дека не продава смртоносно оружје и дека „внимателно се справува со извозот на предмети за двојна употреба во согласност со законите и прописите“.

Посетата на Столтенберг на Вашингтон е во време кога Кремљ потврди дека Владимир Путин ќе отпатува во Северна Кореја во вторник, што следи по неговата посета на Кина минатиот месец.

„Русија во моментов се повеќе се усогласува со авторитарните лидери“, изјави Столтенберг за Би-би-си, цитирајќи ги Иран, Пекинг и Северна Кореја.

Тој рече дека Северна Кореја испратила артилериски гранати во Русија, а за возврат Русија обезбедила напредна технологија за ракетните и нуклеарните програми на Северна Кореја.

„Така Северна Кореја ѝ помага на Русија да води агресивна војна против Украина“, заклучи генералниот секретар на НАТО.

Пред интервјуто за Би-би-си, Столтенберг за британскиот весник Телеграф изјави дека НАТО разговара за распоредување на поголемо количество нуклеарно оружје, нивно вадење од складиштата и ставање во сотојба на готовност со оглед на сè поголемата закана од Русија и Кина.

Тој рече дека членките на НАТО разговараат за користење на транспарентноста на својот нуклеарен арсенал како средство за одвраќање.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека коментарите на Столтенберг се чини дека се спротивставени на соопштението објавено на конференцијата одржана викендов во Швајцарија, во кое се вели дека секоја закана или употреба на нуклеарно оружје, кога Украина е во прашање, е неприфатлива.

„Ова е уште една ескалација на тензиите“, рече Песков, коментирајќи ги изјавите на генералниот секретар на НАТО.

НАТО подоцна се обиде да ги разјасни забелешките на Столтенберг, велејќи дека нема значителни промени во позицијата за нуклеарното оружје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ