вторник, 22 октомври 2024

Северна Кореја гради ѕид на границата со Јужна Кореја

Северна Кореја гради ѕид на неколку локации во близина на својата граница со Јужна Кореја, откриваат сателитски снимки кои ги анализирал Би-би-си. Освен тоа, земјиште во демилитаризираната зона (ДМЗ) е расчистено, а експертите велат дека тоа би можело да претставува кршење на долготрајното примирје со Јужна Кореја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

ДМЗ е четири километри широка тампон зона меѓу двете Кореи кои технички се сè уште во војна бидејќи никогаш не потпишале мировен договор. Зоната е поделена на два дела, а секоја држава ја контролира својата страна. Експертите изградбата на ѕидот за Би-би-си ја коментираат како „необична активност“ која доаѓа во време на зголемени тензии меѓу двете земји.

„Во овој момент можеме само да нагаѓаме дека Северна Кореја сака да го засили своето воено присуство долж границата“, вели Шрејас Реди, дописник на специјализираниот сајт НК њуз со седиште во Сеул. Би-би-си нарачал сателитски снимки од седум километри долг дел од границата во рамки на проект за набљудување на промените кои Северна Кореја ги направила во таа област.

Снимките покажуваат најмалку три дела на се поставени бариери во близина на демилитаризираната зона, а покриваат вкупно километар од источниот крај на границата. Поради недостиг од претходни снимки од таа област во висока резолуција не се знае кога почнала изградбата. Меѓутоа, такви структури нема на снимки од ноември 2023 година.

„Мојата проценка е дека ова е првпат да изградат бариера со цел одвојување едни од други“, вели за Би-би-си Ук Јанг, воен и одбранбен аналитичар на Институтот за политички студии Асан во Сеул. „Уште во 1990-тите, Северна Кореја постави противтенковски ѕидови за да го одврати напредокот на тенковите во случај на избивање војна. Но во последно време Северна Кореја поставува ѕидови високи два до три метри“, кажа Јанг.

„Обликот на ѕидовите сугерира дека тие не се само пречка за тенкови, туку се наменети за поделба на подрачјето“, додава Јанг кој ги прегледал сателитските снимки.

Функционер на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја кажа во неодамнешно интервју дека војската идентификувала тековни активности поврзани со „јакнење на тактичките патишта, поставување мини и чистење на пустелијата“. „Чистењето на земјиштето може да биде наменето и на воени и на цивилни аспекти“, вели Кил Јо Бан, професор по меѓународна безбедност на Корејскиот универзитет.

Корејската војна заврши во 1953 година, а тогаш двете страни се обврзаа дека „нема да извршат како било непријателски чин во, од или против ДМЗ“. Но немаше конечен мировен договор. Иако повторното обединување со години се чинеше малку веројатно, тоа секогаш беше зацртаната цел на севернокорејските лидери сè до 2024 година, кога Ким Џонг Ун објави дека неговата земја повеќе нема да ја следи таа амбиција.

Некои експерти ги нарекоа тие изјави „без преседан“ и видоа голема промена на политиката кога Ким Џонг Ун на почетокот на годината ја означи Јужна Кореја за „главен непријател“. Од тогаш Северот почна да ги отстранува симболите кои претставуваат единство на двете земји – како уривање споменици и бришење референци за повторно обединување на владините интернет страници.

„Со кревањето на тие гранични бариери Северот сигнализира дека не бара повторно обединување“, вели Рамон Пачеко Пардо, шеф на европски и меѓународни студии на Кралскиот колеџ во Лондон.

„Северна Кореја дури и не ни глуми дека сака да преговара со Соединетите Американски Држави или Јужна Кореја и ги отфрли неодамнешните обиди на Јапонија да се вклучи во преговорите“, вели Едвард Хауел, истражувач на Корејскиот Полуостров на Оксфорд. „Имајќи го предвид затоплувањето на односите на Северна Кореја со Русија, не треба да се изненадиме ако оваа година се засилат меѓукорејските провокации“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ