недела, 20 октомври 2024

Се собраа Македонците од Србија во Амбасадата во Белград по повод Денот на независноста

Претставници на македонските здруженија од цела Србија, од Врање, Ниш, Белград, Нови Сад, Пландиште, Сомбор, истакнати писатели Македонци, претставници на македонските партии во Србија, денеска се собраа во македонската амбасада во Белград на прием на кој беше одбележан Денот на независноста на Македонија. Најнапред се интонираше државната химна на Македонија, а потоа обраќање имаше амбасадорот Никола Тупанчески, кој го истакна значењето на Денот на независноста и говореше за пораките на премиерот Христијан Мицкоски од неговото вчерашно обраќање на Свечената академија во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

„Од десетте принципи што беа споменати во говорот на премиерот на нашата држава, посебно би ги издвоил двата принципи што се однесуваат на нашето единство од една страна и исто така на запирањето на иселувањето на граѓаните од нашата држава. Во таа насока ова се фундаментални принципи, кои сериозно можат да придонесат во остварувањето на поквалитетен живот“, рече Тупанчески.

Многубројната македонска заедница во Србија истакна пораки до матичната држава.

„Многу е важно македонската национална заедница и македонскиот национален совет да ги обновиме односите со матичната држава и заеднички да го прославуваме нашиот најголем празник“, изјави Зорица Митровиќ, претседателка на Македонскиот национален совет во Србија.

По повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста, во Ниш од денеска Здружението на граѓани на македонското национално малцинство од Нишавскиот округ Вардар Ниш, ќе ја започне манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Галеријата на Центарот за култура Ниш со изложба на авторката Мирјана Крстева Масети од Гевгелија.

Наредните денови во рамките на манифестацијата ќе се одржи концерт на изворни македонски народни песни на оркестарот на Општинското основно музичко-балетско училиште „Лазо Мицев – Рале“ од Кавадарци, книжевна вечер со поетот Игор Трпчески од Прилеп и љубовната монодрама „Лидија“ во Нишкиот куклен театар, како и Македонска филмска вечер во Центарот за култура во Ниш.

Фото: Амбасада

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ