понеделник, 21 октомври 2024

СДСМ предлага минимална плата од 450 евра

Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието предложи измени и дополнувања на Законот за минимална плата, според кои минимималната плата треба да изнесува 27.700 денари, што е 450 евра.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на СДСМ Венко Филипче порача дека ваквиот предлог е поради моменталната голема економска несигурност.

„Со измените, предвидуваме минималната плата да се покачи на 27.700 денари, што претставува пораст од 12,3%. Со ова, не само што ќе обезбедиме финансиска стабилност на работниците, туку и ќе влијаеме на порастот на просечната плата, што ќе има позитивен ефект врз секое семејство во државата. Методологијата за усогласување на минималната плата со порастот на трошоците за живот и просечната плата останува и понатаму како дел од овој закон, со тоа ќе обезбедиме сигурен и постојан раст на приходите на граѓаните“, рече Филипче на прес-конференција во Собранието.

Тој ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека не исполнила ниту едно ветување за раст на платите, односно, „пред изборите ветуваа дека ќе ја зголемат минималната плата, но не само што нема најава за тоа, туку ситуацијата се влошува“.

„Потрошувачката кошничка во септември 2024 година достигна 61.306 денари, цените на основните прехранбени производи растат, а куповната моќ на граѓаните значително е намалена. Само за потсетување, Владата предводена од СДСМ во период од седум години креираше политики за постојан раст на платите. Во 2016 година просечната нето-плата изнесуваше 22.460 денари, а во мај 2024 година достигна 41.252 денари. Минималната плата беше приоритет и се зголеми од 8.000 денари на сегашните 22.567 денари. Работниците во Македонија заслужуваат плати кои се во согласност со европските стандарди, а ние како одговорна партија тоа и го исполнивме“, порача Филипче.

Тој обвини дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ донела огромна социјална несигурност. Нагласи дека Светска Банка во последниот полугодишен извештај нотираше дека оваа година ќе заврши со економски раст од само 1,8 проценти што е значително под очекуваните 2,5 проценти.

„Денес просечната плата е намалена за 1.000 денари, мерките за намалување на цените не ги дадоа посакуваните резултати, а трошоците за живот постојано растат. Владата не презема конкретни мерки за покачување на платите, и со тоа ги става работниците и нивните семејства во многу тешка економска и социјална положба“, рече пратеникот Филипче.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ