среда, 24 јули 2024

Саркози: Макрон ја турка земјата во хаос

Поранешниот француски претседател Никола Саркози го критикуваше актуелниот претседател Емануел Макрон за распишување предвремени парламентарни избори, бидејќи неговата центристичка партија е трета во анкетите, далеку зад екстремно десничарскиот Национален собир.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Никола Саркози рече дека распуштањето на националното собрание е „голем ризик“ за Франција, „бидејќи може да ја втурне земјата во хаос, од кој ќе има големи тешкотии да излезе“, пренесува Гардијан.

„Да му се даде збор на францускиот народ“ за да се оправда распуштањето е интересен аргумент бидејќи тоа е токму она што повеќето од 25 милиони Французи штотуку го направија на гласачките места“, изјави Саркози за Журнал ди диманш, мислејќи на одговорот на Макрон на европските избори на 9 јуни, кога Национален собир ѝ нанесе голем пораз на партијата на претседателот.

„Ризикот е голем, тие го потврдуваат својот гнев наместо да го стивнат“, рече Саркози, централно-десничарскиот претседател на Франција од 2007-2012 година, за кој се вели дека е во добри односи со Макрон.

Французите ќе гласаат за ново национално собрание во два круга, на 30 јуни и 7 јули, по шокантниот потег на Макрон да распише избори три години пред предвиденото.

Анкетата на јавното мислење во истиот весник од страна на Ифоп покажа дека Национален собир напредува со 35 отсто гласови, сојузот на левичарските партии Нов народен фронт со 26 отсто и Ренесанса на Макрон со 19 отсто. Според весникот, само 61 отсто од луѓето кои гласале за Макрон во првиот круг од претседателските избори во 2022 година планираат да ја поддржат неговата партија на 30 јуни.

Другите анкети објавени во текот на викендот покажаа слична слика, при што групата на Макрон заглави на трето место, заостанувајќи далеку зад Национален собир и второпласираниот Нов народен фронт, кој ги обединува социјалистите, зелените, комунистите и екстремно левичарската партија на Жан-Лук Меланшон. Според истражувањето на Опинионвеј Национален собир има 32%, следен е Нов народен фронт со 25% и партијата на Макрон со 19%.

Исто така, поранешниот премиер Лионел Жоспен изјави за Ле монд дека распишувањето предвремени избори „е неодговорно“ и ја отвори вратата за екстремната десница да ја преземе власта. „Претседателот Макрон отвори простор за Национален собир“ и дозволи „оваа партија на екстремната десница да тропне на вратите на моќта“, рече Жоспен, социјалист кој ја извршуваше функцијата помеѓу 1997 и 2002 година и кој беше во политичка „кохабитација“ со централно-десничарскиот претседател Жак Ширак. Макрон требаше да се консултира со својот премиер и со претседателите на сенатот и националното собрание, рече тој, додавајќи: „Уште еднаш, Емануел Макрон одлучи сам“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ