Опозициската партија СДСМ деновиве на прес-конференција излезе со обвинувања кон Вас со изнесување податоци за злоупотреби и долг кон државата на компании од енергетскиот сектор во кои имате работено, односно биле во Ваша сопственост. Кој е Вашиот коментар на ваквите обвинувања?
– Одговорно тврдам дека немам никаков криминал во мојата кариера. Работам чесно и напорно во сегментот на енергетиката, каде што има многу нечисти игри, но јас не сум дел од нив. Многу тенденциозно е да се говори дека сум била дел од група или пак, дека самостојно сум вршела незаконски дејства за време на мојата кариера во приватниот сектор, без притоа да се посочи барем еден доказ. Нема ниту една пресуда против мене или пак, против компаниите во времето кога ги управував, а со кои би се поткрепиле овие тврдења.
Впрочем, да имав какви било криминали, зарем ќе најавев целосна ревизија на работењето на ЕСМ и МЕПСО, на сите зделки и договори во четири очи, кои доведоа до тоа двете најголеми енергетски државни компании да бидат во незавидна положба? Најавив и менување на „правилата на игра“, кои овозможуваа вакви зделки и злоупотреби. Моето долгогодишно искуство во енергетиката само ќе придонесе полесно да се надминат сите пропусти и да се „затворат сите дупки“ што даваа простор за криминали.
Ревизорските извештаи досега открија големи злоупотреби во ЕСМ и МЕПСО, но никој не реагираше. Сите знаат за криминалот, сите се свесни за тоа, а реакција немаше од обвинителството. СДСМ се плаши од најавените активности, па се труди со измислени афери да наметне тема што не постои.
Со чесна работа и со резултати многу брзо ќе покажам дека нема да отстапам од намерата да се стави ред во делот на енергетиката во Македонија. Свесна сум дека ова некому му пречи, но, повторувам дека сите афери што ќе ги измислат мене воопшто нема да ми пречат да им ставам крај на кражбите. Ќе одговара секој што се огрешил без исклучок.
Значи сметате дека најавата за ревизија на работењето на ЕСМ и МЕПСО е причина за нападите врз Вас?
– Токму така. Очигледно е дека проблемот не сум јас, туку криминалите што се направени, а кои ќе излезат на виделина. И тоа некого го плаши и лиферува невистини.
Јас веќе остварив средба со државниот ревизор, а кога ќе се изврши промена на раководствата, веднаш ќе се ангажира независна ревизија за да се утврди реалната состојба и сите пропусти направени во изминатиот период. По откривањето на сите злоупотреби ќе се достават документи до ЈО.
Детална ревизија е неопходна бидејќи двете компании се од суштинско значење, од една страна за стабилно функционирање на електроенергетскиот систем, но исто така од нивното работење зависи и цената на струјата што се испорачува до домаќинствата и малите потрошувачи.
Во последните неколку години и ЕСМ и МЕПСО се соочуваат со превработеност, а исто така на јавноста ѝ се познати и сите коруптивни зделки што се правени, посебно во време на енергетската криза, која беше „оправдување“ за увоз на дополнителна енергија.
Затоа мора да се преземе одговорност и да се воспостави постриктна легислатива во однос на трговијата со електрична енергија. Во многу држави едноставно не постои можност да се има долг кон систем-операторот (државата), бидејќи постојат технички служби што на дневна база ги следат трансакциите на сите фирми-трговци, и секогаш мора нивното работење да е покриено со банкарски гаранции.
Нашата цел е од корен да направиме промени, да се обезбеди можност ЕСМ сам да тргува со струја, без посредници и воведување ред во трошењето, да се намалат загубите на енергија, да се воспостави механизам да не постои можност за постоење ненаплатлив долг од трговците со струја кон државните енергетски компании со обезбедување соодветни банкарски гаранции и друго.
АД МЕПСО доби ново раководство, а наскоро веројатно ќе следува менување и на раководството на АД ЕСМ. Дали државата ќе успее двете компании да ги донесе во добра кондиција?
– Министерството за транспорт како единствен акционер на АД МЕПСО назначи нови членови на Надзорниот одбор на компанијата, а ги избра и членовите на новиот Управен одбор и неговиот претседател, кој е и директор. Управниот и Надзорниот одбор ќе имаат задача да го консолидираат акционерското друштво од наследените проблеми, да се справат со корупцијата и да ги зајакнат капацитетите на компанијата во насока на реализација на развојни проекти со кои ќе придонесат за унапредување на преносната мрежа.
Истото очекувам многу наскоро да биде направено и во АД ЕСМ.
Овие смени ќе отворат простор прво за расчистување на состојбите во двете државни енергетски компании, а потоа и за други промени што ќе доведат до домаќинско работење и подобрување на кондицијата на двете друштва.
Тоа колку недомаќински се работело во МЕПСО и колку не се мислело за државата го покажуваат и последните информации што ги објавија медиумите дека во петокот, кога беше разрешен Надзорниот одбор, од МЕПСО во УЈП испратиле пресметка за исплата на награда во висина од 30% од плата за околу 100 вработени. Ова е благо речено скандалозно. За што е исплатена награда? За успешно работење?
Тоа е инаку истата компанија во која Државниот завод за ревизија (ДЗР) во последниот ревизорски извештај објавен во март годинава, а се однесува на работењето во 2021 година, констатираше неправилности во работата. Во него, меѓу другото, пишува дека во периодот од август до декември 2021 година, по предизвикани дебаланси на електричната енергија од страна на фирми трговци со струја, МЕПСО евидентирал долгови по оваа основа, како и долгови за казни и штети претрпени поради прекин на испорака на договорени количества струја. За овој долг од фантастични 14 милиони евра раководството на МЕПСО прво донело решение за негова отплата на рати, за потоа да го отпише. Сите фирми инаку се блиски до СДСМ и ДУИ, а една од нив е во сопственост на синот на Муса Џафери.
Вакви и слични криминали се причина за состојбите во компанијата, а тие допрва ќе излегуваат на виделина.
Деновиве актуелен беше и Вашиот анкетен лист, кој го поднесовте со стапувањето на функција. Дел од медиумите наведоа дека веројатно сте најбогата министерка во новата влада. Дали можеби и тоа беше причина на нападот кон Вас?
– Јас најодговорно го наведов сето она што го поседувам и како недвижен имот и како парични средства и друг имот и во Македонија и во странство. Сметам дека секој што ќе дојде на функција тоа треба да го направи чесно, без да „заборави“ нешто.
Јас 20 години напорно работам во енергетската сфера, работев за големи мултинационални компании, заработував добро и заработеното го инвестирав, најмногу во имот. Да, имам станови во Шпанија и Португалија, што го сметам за добра инвестиција бидејќи ги издавам.
Имотот што го пријавив никому не треба да му боде очи. Многу поважно е сите лица од извршната власт и лица на раководни функции реално да го прикажат имотот со кој располагаат кога ќе дојдат на функција. Но, уште поважно е да се направи проверка со каков имот „заминуваат од функцијата“, што за жал не се прави.
До каде е формирањето на новото министерство со кое раководите, бидејќи секако тоа е предуслов за да можете да функционирате и да видиме резултати од Вашето работење?
– Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е регистрирано како институција во Централниот регистар. Паралелно со тоа се подготвува новата систематизација на работните места, а се разговара и со надлежните за просторот каде што ќе биде сместено министерството. Дефинирани се буџетските потреби, буџетот очекуваме да биде функционален во почетокот на август. Очекувам дека во следните неколку недели новото министерство ќе стане функционално.
Затекнувате проблеми во речиси сите сектори од новото министерство. Кои ќе бидат Вашите приоритети?
– Приоритети ќе има многу бидејќи, како што рековте, проблеми има во сите сектори. Првично ќе настојуваме да се забрза изградбата на сите енергетски објекти, која е во застој или од непознати причини доцни, а за кои се земени кредитни средства од странство. Тука мислам на завршување на изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција, потоа на електроенергетското поврзување со Албанија, на гасоводната мрежа низ државата… Мораме и РЕК Битола да го доведеме во добра кондиција, а заедно со овој за нас стратегиски енергетски објект, да ја подобриме дистрибутивната мрежа за да не се случуваат испади на далноводи, како што беше сега случај, поради што еден блок од РЕК остана без напојување, па работеше само со еден блок.
Исто така, приоритет ќе биде подготвување нови законски решенија, како на пример на Законот за енергетика, каде што ќе се предвиди системско решение за складирање на струјата од фотоволтаици бидејќи таа може да биде сериозен проблем за системот.
Посебно место ќе заземе и зелената транзиција и зголемување на обемот на производни капацитети од обновливи извори на енергија, но и енергетската ефикасност и изградба на фотоволтаици на покривите на домовите, градинките, училиштата и други јавни објекти и да го поттикнеме истото и во компаниите.
Меѓу приоритетите ќе биде и поголема соработка со интернационалните компании за де се зголеми можноста за поголеми инвестиции во енергетиката, но притоа да се води сметка државата да има вистинска корист од тоа, без давање огромни повластици што се на наша штета.
Бидејќи ова министерство ќе биде одговорно за целокупното работење во енергетиката, минерални суровини и рударството, ќе работиме на зајакнување на домашните производствени капацитети со сериозни повеќегодишни и долгорочни инвестиции во енергетската инфраструктура и капацитети што ќе гарантираат енергетска стабилност и независност на државата, но и домашно производство на енергија како гарант за конкурентност на македонската економија.
А.Д.