сабота, 19 октомври 2024

САД: Тед Качински, озлогласениот американски бомбаш Унабомбер, најден мртов во затвор

Објавено на

часот

Сподели

Качински, кој изработил и испратил повеќе бомби живеејќи во колиба без вода во рурална Монтана, е најден мртов во затворската ќелија во Северна Каролина, објави американската Сојузна управа за затвори.

Дипломирал на Харвард и од детството бил самотник, а мета на неговите напади биле универзитетски професори, научници и сопственици на продавници со компјутери, а се обидел и да урне комерцијален авион. Неговата кампања траела од 1978 до 1995, а се борел, како што верувал, против злото на модерната технологија.

Со години ја збунувал полицијата која не можела да му влезе во трага, па случајот бил наречен УНАБОМ (универзитетски и авио бомби).

Напредокот во истрагата се случил кога Качински го објавил манифестот од 35.000 зборови наречен „Индустриското општество и неговата иднина“ кој бил објавен во медиумите во септември 1995.

Неговиот помлад брад Дејвид на полицијата ѝ дојавил дека идеите на авторот личат на тие на Тед. Агентите го уапсиле во неговата колиба во април 1996.

Не ги послушал советите на адвокатот да се прави луд и ја признал вината по сите точки на обвинението во врска со бомбашките напади во 1998 година. Судот во Калифорнија го осудил на четири доживотни казни затвор и дополнителна казна од 30 години.

Унабомберот активирал вкупно 17 бомби и повредил околу 25 луѓе, од кои некои останале без вид, слух или прсти.

Самиот довел до својот пад испраќајќи во 1995 до медиумите писма во кои барал да го објават неговиот есеј од 35.000 зборови за опасноста од индустријализацијата.

„Индустриската револуција и нејзините последици се катастрофа за човечката раса“, напишал на почетокот на есејот.

Тврдел дека модернизацијата го дестабилизирала општеството, ги подложила луѓето на понижувања и „нанесува тешка штета на природниот свет“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ