сабота, 13 јули 2024

САД потврдија дека Кина имала шпионска база на Куба барем од 2019 година

Објавено на

часот

Сподели

Функционерот кој инсистирал на анонимност кажал дека американската разузнавачка заедница веќе некое време е свесна дека Кина шпионира од Куба во поширокиот напор за поставување операции за собирање разузнавачки податоци низ светот.

Администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден ги засилила напорите да го попречи кинеското настојување да ги прошири своите шпионски операции и верува дека е остварен одреден напредок со дипломатија и друго ненаведено дејствување, кажал функционерот запознаен со случајот.

Постоењето на кинеската шпионска база беше потврдено откако Волстрит џурнал во четвртокот јави дека Кина и Куба постигнале начелен договор да изградат електронска станица за прислушување на островот.

Весникот јави дека Кина планира да ѝ исплати повеќе милиони долари на Куба, на која ѝ недостасуваат пари.

Белата куќа наведе дека извештајот не е точен.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби кажа дека го видел извештајот во весниците и дека е неточен.

„Она што можам да ви го кажам е дека бевме загрижено од првиот ден на оваа администрација околу кинеските активности за ширење на влијанието низ светот, секако и во оваа хемисфера и ние го следиме тоа многу, многу внимателно“, кажа Кирби.

Американската разузнавачка заедница утврдила дека кинеското шпионирање од Куба е нешто „што е во тек“  и не е „нов развој на настаните“, кажал неименуваниот функционер.

Кубанскиот министер за надворешни работи Карлос Фернандес де Косио исто така го отфрли извештајот на Твитер, нарекувајќи ги тврдењата „лажни и неосновани“.

„Клеветничките шпекулации продолжуваат“, кажа тој о додаде дека нема никакви податоци или докази да го поткрепат тврдењето.

Случајот е чувствителен на дипломатски план во момент кога американскиот претседател порачува дека би сакал „одмрзнување“ на напнатите врски со Пекинг и најавува идна средба со кинескиот колега Си Џинпинг.

За Бајден е незгоден и поради тоа што е во кампања за реизбор во 2024 година. Опозицијата редовно му замерува за недостиг на цврстина кон Кина, како и кон комунистичкиот режим на Куба.

Односите на Кина и САД дополнително се заострија во февруари која САД урнаа кинески балон кој ја надлетуваше нивната територија, нарекувајќи го шпионски. Кина демантираше и наведе дека станува збор за заталкан метеоролошки балон.

Белата куќа се труди да ги продолжи комуникациите на високо ниво меѓу двете страни.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен планира да отпатува во Кина следната недела, а тоа патување беше откажано од страна на Вашингтон во времето на соборувањето на кинескиот балон.

Блинкен планира да оди во Пекинг на 18 јуни, според неименувани американски функционери, иако тоа официјално не е потврдено ни од Стејт департментот ниту од кинеската дипломатија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ