сабота, 19 октомври 2024

САД испраќаат моќни ракетни системи во Украина, посилни и попрецизни од руските

Објавено на

часот

Сподели

„Брзаме да ѝ испратиме на Украина значителни количини оружје и муниција за да може да се бори на бојното поле и да биде во најсилната можна позиција на преговарачката маса“, рече Бајден.

Новото оружје ќе го вклучува високомобилниот артилериски ракетен систем М142 (химарс). Системите можат да лансираат повеќе проектили со попрецизно наведување на цели оддалечени 70 километри, што е значително повеќе од опремата што Украина моментално ја има. Исто така, се верува дека тие се попрецизни од нивните руски еквиваленти, пишува Би-би-си.

Минатиот месец, началник на украинската армија рече дека системите „химарс“ ќе бидат „клучни“ во можноста да се спротивстават на руските ракетни напади.

САД очекуваат Украина да го распореди оружјето во источниот регион Донбас, каде борбите се најинтензивни и каде што може да се користи за да се нападнат руските артилериски единици и силите насочени кон украинските градови.

Претставници на Белата куќа се согласија да ги обезбедат ракетите дури откако добија гаранции од претседателот Володомир Зеленски дека оружјето нема да се користи за напади врз цели во Русија.

Набргу откако Бајден објави дека САД ќе испратат оружје во Украина, руски воени претставници објавија дека нивните нуклеарни сили одржуваат вежби во провинцијата Иваново недалеку од Москва, пренесува Интерфакс.

Претходно рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини Западот дека им испраќа оружје на „украинските националисти“ и рече дека секоја испорака на оружје во Украина ќе стане легитимна цел за Москва. Исто така, министерството за надворешни работи соопшти дека земјите од НАТО „си играат со оган“ испраќајќи оружје во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ