понеделник, 21 октомври 2024

САД ги санкционираа синот и ќерката на Милорад Додик

Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави воведе нови санкции против претседателот на Република Српска Милорад Додик.

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведува министерството, санкциите се воведени „на прорускиот националистички лидер на босанските Срби“ како и на други поединци и ентитети кои се поврзани со него.

На списокот на министерството од 20 октомври се наоѓаат и Горица и Игор Додик, синот и ќерката на претседателот на Република Српска.

„Членовите на оваа мрежа, меѓу кои се и децата на Додик, ја олеснуваат корупцијата на Додик во босанскохерцеговскиот ентитет РС, му овозможуваат да црпи јавни средства од РС и да се збогатува себеси и своето семејство на сметка на граѓаните на БиХ и функционалните власти во земјата“, се наведува во соопштението на американското министерство.

Се додава дека Додик, кој претходно беше член на Претседателството на БиХ, ја користел и користи службената позиција во БиХ за „акумулирање лично богатство преку подмитување, мито и други облици на корупција. Неговата етно-националистичка реторика на поделба ги одразува неговите напори да ги оствари овие политички цели и да го одвлече вниманието од сопственото коруптивно дејствување“, се наведува.

Се додава дека Додик јавно ги понижува „другите етнички и верски групи во БиХ со што ги продлабочува поделбите и политичкиот ќорсокак“.

САД против Додик воведоа санкции и на 5 јануари 2022 година, но и на 17 јули 2017 година за наводно опструирање на Дејтонскиот мировен договор.

Додик се наоѓа и под санкции на Британија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ