Старлинк е сателитска мрежа од следната генерација дизајнирана да обезбеди широкопојасен интернет-пристап насекаде во светот.
Илон Маск ѝ е најважниот сојузник на Украина
Сите тенкови, топови, пиштоли, ракети и друга муниција што НАТО му ги доставува на Киев од почетокот на конфликтот во Украина не се ни приближно важни како пристапот до сателитската мрежа Старлинк. Без комуникацијата преку сателитите во ниска орбита во сопственост на Илон Маск, украинската војска би била слепа и глува. И тоа на сите нивоа.
Без размена на податоците преку Старлинк, генералштабот во Киев не би можел да им издава наредби на единиците на терен. Војниците на фронтот би останале без артилериска поддршка бидејќи не би имале начин да ги пренесат координатите на непријателските позиции, а се верува дека последните напади на мостот на Крим биле извршени токму благодарение на водењето на беспилотните летала преку сателитска врска од мрежата Старлинк. Исто така, постои сомневање дека нападите со беспилотни летала врз Москва биле насочени со поврзување преку комерцијални сателити. И во тој случај се споменува името на Маск.
Русите го знаат тоа одамна. За време на борбите во Мариупол, два украински хеликоптери доставија опрема за поврзување со Старлинк до „Азовстал“. На овој начин, податоците за движењето на руската опрема и единици биле пренесени до војниците опколени во челичарницата. Лондонски „Тајмс“ потоа објави напис дека Украинците управуваат со беспилотни летала преку сателити и успешно ги напаѓаат руските цели.
Москва доби конкретен доказ за вмешаност на компанијата на Илон Маск во украинската војна кога на една од плажите на Крим беше пронајден дрон со терминал Старлинк. Тоа беспилотно летало требало да гаѓа воени цели во Севастопол.
Руските сили објавија дека почнале да ја прекинуваат мрежата Старлинк во луганскиот тактички правец. Москва располага и со проектили што би можеле да ги уништат сателитите над нејзината територија, но таквата можност повлекува низа други ризици. Соборувањето сателити останува како средство на тотална војна, бидејќи остатоците од уништените сателити најверојатно ќе оштетат десетици и стотици други сателити, сопственост на земји што немаат никаква врска со војната во Украина.