Во изјава за Скај њуз, амбасадорот на Русија во Британија Андреј Келин исто така ја обвини Украина за користење платеници од различни земји во конфликтот.
Вашингтон и Лондон неделава му дозволија на Киев да ги користи нивните проектили за напади длабоко во руска територија, по повеќемесечните барања на претседателот Володимир Зеленски. Британските ракети „сторм шедоу“ Украина ги испука на Русија само неколку дека откако американскиот претседател Џо Бајден одобри промена на досегашната политика во поглед на западното оружје.
На прашањето дали ваквиот потег ја вовлекол Британија во конфликтот, рускиот амбасадор Андреј Келин изјави: „Апсолутно, Британија сега е директно вклучена во оваа војна, бидејќи ова лансирање не може да биде извршено без НАТО персонал, вклучувајќи британски персонал“.
На прашањето која е разликата меѓу тоа и користењето кинеска, иранска и севернокорејска опрема и персонал од страна на Русија, и дали смета дека и тие се директно вклучени, Келин укажа на странските борци на страната на Киев.
„Што се однесува до тоа, лесно можам да кажам дека има многу платеници од различни земји кои во моментов војуваат на страната на Украина“, кажа тој. „Во областа Курск тукушто видовме полска единица која има специјални униформи какви што носат полските војници. Па, во што е проблемот?“
До оваа недела, Лондон тврдеше дека британските тенкови, антитенковски проектили и другата воена опрема може да се користат во Русија, но ограничувањата за проектилите со долг дострел останаа на сила, следејќи ја американската политика.