вторник, 22 октомври 2024

Русија вели дека спречила голема украинска офанзива, убила стотици Украинци

Објавено на

часот

Сподели

Не се знае, вели Ројтерс, дали пријавениот напад претставува почеток на украинската контраофанзива што Киев со месеци ја ветуваше за да ја врати територијата заземена од руските сили по инвазијата во февруари 2022 година.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека Украина нападнала со шест механизирани и два тенковски баталјони во јужен Доњецк, каде што Москва долго време се сомнева дека Украина ќе настојува да пробие клин низ територијата контролирана од Русија.

„Утрото на 4 јуни непријателот почна офанзива од големи размери во пет сектори на фронтот во правец на јужен Доњецк“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана објавено на Телеграм синоќа, половина час по полноќ.

„Целта на непријателот беше да ја пробие нашата одбрана во најранливиот, според него, сектор на фронтот“, се вели во соопштението. „Непријателот не ги оствари своите задачи, немаше успех.“

Ројтерс не бил во можност веднаш да го потврди руското соопштение, а украинското министерство за одбрана и војската не одговориле веднаш на писмените барања за коментар.

Во дневниот извештај на украинскиот Генералштаб се наведува само дека имало 29 борбени судири во регионите Доњецк и Луганск.

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников во неделата објави загадочна порака на Твитер, цитирајќи ја песната на Депеш мод „Уживајте во тишината“.

„Зборовите се мошне непотребни, тие можат да направат само штета“, се вели во неговиот твит.

Украина минатата недела објави видео со војници што се подготвуваат за битка и рецитираат борбен благослов, што подоцна беше емитувано како клип за регрутирање.

Руското Министерство за одбрана објави видео на кое, како што рече, се гледа како неколку украински оклопни возила на поле експлодираат откако биле погодени.

Руските сили убија 250 украински војници и уништија 16 тенка, три пешадиски борбени возила и 21 оклопно борбено возило, соопшти Министерството.

Началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов, кој е одговорен за воената операција на Москва во Украина, беше во областа на украинскиот напад, соопшти Министерството.

Некои истакнати руски воени блогери, вклучително и Семјон Пегов, кој блогира под името Воен Гонзо, објавија дека има тешки борби рано во понеделникот во областите контролирани од Русија. Пегов рече дека украинските сили напаѓаат во близина на Велика Новосилка во областа Доњецк.

„Во тек е тешка борба.“

Други руски воени блогери објавија, исто така, тешки борби во понеделникот наутро во близина на Бахмут, во близина на Соледар и Вуледар во регионот Доњецк. Ројтерс не можел независно да ги потврди извештаите.

Контраофанзивата?

Со месеци Украина се подготвува за контраофанзива против руските сили, за која официјалните лица во Киев и директорот на ЦИА, Вилијам Бурнс, рекоа дека ќе ја уништи самодовербата на рускиот претседател Владимир Путин.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за Волстрит џурнал во интервју објавено во саботата дека е подготвен да почне контраофанзива, но во прогнозата за успех предупреди дека тоа може да потрае некое време и да има висока цена.

„Не знам колку време ќе потрае“, изјави тој за Џурнал. „Да бидам искрен, тоа може да се одвива на различни начини, сосема поинаку. Но ние ќе го направиме тоа и ние сме подготвени“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ