петок, 25 октомври 2024

Русија ја повика американската амбасадорка поради „мешање“ во внатрешните работи

Москва во четвртокот ја повика американската амбасадорка во Русија и се закани дека ќе протера американски дипломати во знак на протест против, како што рече, американското мешање во внатрешните работи на земјата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Вашингтон финансира „антируски“ непрофитни групи и „шири дезинформации“ за претседателските избори од 15 до 17 март, како и за таканаречената „специјална воена операција“ на Москва во Украина.

„Обидите за мешање во внатрешните работи на Руската Федерација, вклучително и преку субверзивни дејствија и ширење на дезинформации во контекст на изборите и специјалната воена операција ќе бидат цврсто и решително потиснати“, се вели во соопштението на Министерството.

Се предупредува дека одмаздничките мерки би можеле да вклучат и протерување на „функционерите од амбасадата на САД вклучени во такви акции“.

И Русија и САД меѓусебно протераа десетици дипломати во последниве години, бидејќи односите меѓу двете земји паднаа на најниско ниво, особено по инвазијата на Москва во Украина.

Руското Министерство за надворешни работи во четвртокот соопшти дека ѝ кажало на американската амбасадорка во Русија Лин Трејси дека Вашингтон мора да престане да финансира три непрофитни образовни групи, кои шират „ставови и вредности туѓи за руското општество“.

Групите се Американски совети за меѓународно образование, Културни панорами и Институтот за меѓународно образование.

Москва со непријателство гледа на невладините организации поддржани од Западот и на групите на граѓанското општество, редовно обвинувајќи ги за обука на потенцијални револуционери – тврдења што Западот и самите групи постојано ги негираат, вели Москва тајмс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ