сабота, 19 октомври 2024

Русија има таен проект за развој на воени дронови во Кина, тврдат европски разузнавачи

Русија во Кина почнала програма за развој и производство на дронови со долг дострел за потребите на војната во Украина, откриле за Ројтерс два извори од европска разузнавачка агенција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

ИЕМЗ Купол, подружница на руската државна компанија за производство на оружје Алмаз-Антеј, развил и тестирал нов модел на беспилотно летало наречен „гарпија-3“ (Г3) во Кина со помош на кинески експерти.

Ова го тврди разузнавачите повикувајќи се на извештај кој Купол на почетокот на оваа година го испратил до руското министерство за одбрана во кој ја опишал својата дејност. Купол подоцна наводно го известил министерството за одбрана дека во фабриката во Кина успеал да произведе беспилотни летала, вклучувајќи го Г3, кои можат да се користат во конфликтот.

Кинеското министерство за надворешни работи му одговорило на Ројтерс дека не е запознаено со таков проект, додавајќи дека Кина има строги мерки за извозот на беспилотните летала.

Фабијан Хинц, научен соработник на британскиот Меѓународен институт за стратегиски студии, аналитичка група со седиште во Лондон, кажал дека испораката на беспилотни летала од Кина во Русија, ако биде потврдена, би била значајна новост.

„Кина досега испорачуваше главно роба со двојна намена, односно компоненти кои би можеле да се користат во оружени системи. Но досега немаше информации за испорака на комплетни оружени системи“, кажал Хинц.

Семјуел Бедет, соработник во Центарот за нова американска безбедност (ЦНАС), аналитичка група со седиште во Вашингтон, смета дека Пекинг не би се изложувал на западни санкции со помагање на руската војска, и дека се потребни повеќе информации за несомнено да се утврди дека руски воени дронови се произведуваат во Кина.

Г3 може да помине 2.000 километри и има носивост од 50 килограми, според извештаите на Купол, кој е под американски санкции од декември 2003. Прототипи на Г3 и некои други модели на беспилотни летала произведени во Кина биле испорачани во Русија на дополнително тестирање, тврдат европските разузнавачи.

Купол наводно презел седум воени беспилотни летала произведени во Кина, вклучувајќи два Г3, во своето седиште во рускиот град Ижевск, според фактурите кои Купол летоска ги добил од руска компанија која се смета за посредник со кинеските фирми. Во фактурите не се наведуваат датуми на наводната испорака ниту идентификуваат добавувачи во Кина.

Два разузнавачки извори тврдат дека испораката на беспилотни летала на Купол е првиот конкретен доказ од почетокот на конфликтот во Украина дека комплетни беспилотни летала произведени во Кина ѝ се испорачани на Русија.

Ројтерс не можел да утврди дали извештаите се точни и дали руското министерство за одбрана дало зелено светло за рускиот проект за производство на дронови во Кина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ