„Хибридните закани вклучувајќи ги и дезинформациите имаат за цел да ја намалат нашата општествена отпорност и да предизвикаат внатрешни поделби и недоверба на граѓаните во институциите и нивната ефикасност. Затоа, мораме да имаме здружен пристап кој ги обединува напорите на сите чинители во општеството во соочувањето со овој предизвик” рече министерката на средбата каде ја поздрави и отвореноста на Центарот за глобален ангажман за блиска соработка со институциите во Македонија.
Таа порача дека јасно видливо е зголеменото ниво на дезинформации поврзани со поддршката која Македонија ја дава за одбрана на Украина, исто како што тоа беше евидентно и во однос на полноправното членство во НАТО.
Во однос на институционалните капацитети на министерството, министерката истакна дека одбраната работи континуирано и систематски во развојот на способностите за справување со дезинформации и дека има видлив прогрес во организацијата на системот.
„Министерството е лидер во однос на активната транспарентност зашто на тој начин медиумите преку пристапот до сите информации самостојно можат да ја осознаат и пренесат вистината. Ние сме свесни за штетноста на дезинформациите и затоа ми е задоволство што со заеднички сили ќе најдеме решенија за овој сериозен предизвик“, подвлече министерката на средбата со Рубин.
Специјалниот пратеник Џејмс Рубин ги поздрави напорите на Македонија за развој на капацитети за справување со дезинформации и изрази подготвеност Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт Департмент да ја поддржи нашата земја со техничка експертиза и искуства. Додаде дека информациската и дигитална револуција треба да биде во функција на ширењето на демократијата и вистината, а не да се злоупотребува за поткопување на демократијата и глобалната безбедност.
„Заедничкиот пристап и соработка е најдобриот начин за успешно спротивставување на заканите во информацискиот простор“, рече Рубин.
На средбата станало збор и за развојот на Регионалниот центар за односи со јавноста кој е НАТО – Партнерски центар, а е во фаза на добивање на институционална акредитација од страна на Алијансата и ќе функционира како НАТО Школа за односи со јавноста.
Во текот на утрешниот ден, Рубин ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски.
Џејмс Рубин беше чест гостин на Балканот како портпарол на Стејт департментот во време на војната на Косово и на НАТО-бомбардирањето на Југославија и како помошник државен секретар од 1997 до 2000 година, за време на мандатот на претседателот на САД, Бил Клинтон. Ова е негова прва посета на Балканот после 23 години.