Тој смета дека членството во ЕУ нема алтернатива и оти проширувањето е најуспешната политика на Унијата.
Сепак, кога темата навлегува во конкретните предизвици на македонските евроинеграции – уставните измени како услов за отворање на поглавјата во преговарачкиот процес со ЕУ, евроамбасадорот Рокас е повнимателен во оптимизмот и смета дека идејата на македонската влада за уставни измени со одложено дејство тешко ќе помине во Брисел.
„ Дозволете ми да кажам дека, како што знаете, проширувањето е процес заснован на едногласност, ние сме сите свесни за овој предлог на Владата. Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, како што објаснив претходно има став на ЕУ од 27-те членки во овој поглед. Значи, се разбира, од суштинско значење е да се осигураме дека сме свесни за овој контекст. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата, и е многу важна, ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен, и тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо и она што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ, што ја вклучува и Северна Македонија“, вели во интервјуто евроамбасадорот Михалис Рокас.
Во контекст на претпоставката да бидат донесени бараните уставни измени во македонското собрание, на прашањето дали тогаш ЕУ ќе застане како гарант дека Бугарија нема да има нови условувања кон Македонија и дека процесот на преговори ќе се одвива според мерит системот, Рокас се повикува на фактот дека процесот на проширување се заснова на едногласност.
„Повторно ќе се навратам на тоа што значи процесот на проширување – а тоа е дека се заснова на едногласност. Треба да сме свесни за фактот дека во текот на процесот, од моментот кога ќе почнат преговорите, до самиот крај кога вашата земја ќе стане членка на ЕУ, потребна е едногласност. Така, во теорија, кога нема напредок во реформите, или во имплементирањето на Копенхашките критериуми, или законодавството со тоа на ЕУ, една или други земји-членки можат да дадат приговор во одредени делови од преговорите, дали тоа е на крајот или на средината на преговарањето.
Значи, ова е факт, но размислувајќи за овој факт, мислам дека имавме шест рунди на проширување на ЕУ од почетокот на ЕУ со различна бројка на земји, мислам дека сите тие и покрај пречките, и покрај тешкотиите, и покрај фрустрациите, и покрај долгиот процес, кој одзеде повеќе време, земјите станаа членки на ЕУ. Мислам дека тоа треба да го имаме на ум, но и да бидеме целосно свесни што подразбира процесот. И тоа подразбира едногласност и поддршка на 27-те членки на ЕУ во текот на целиот процес“, наведува Михалис Рокас
Новиот евроамбасадор во земјава упатува пофалби за Македонија за целосното усогласување со заедничката надворешна и бебедносна политика со ЕУ, но според него ни тоа не е аргумент за да се примени начинот на носење одлука за почеток на преговори како со Украина, односно задолжителноста за едногласност во одлучувањето да биде заобиколена со тоа што некој лидер од ЕУ ќе биде испратен да се „напие кафе“.
„Сакам да ја пофалам Северна Македонија за целосно усогласување со Заедничката надворешна безбедносна политика, ова е многу ценето и ова е прашање што им го подвлеков на сите мои соговорници откако пристигнав овде. Ова е високо ценето и сметам дека е доказ за посветеноста на Северна Македонија кон ЕУ, ѝ аплаудираме на Северна Македонија за тоа. Затоа не сакам да повторувам – процесот на проширување, вклучително и за Украина, може или да се изгласа или да се блокира, со едноласност или кој било може да го блокира, но тоа во случајот со Украина не се случи.
Ситуацијата на која се повикувате не е начин, метод бидејќи всушност не е можно заобиколување без разлика дали некој е присутен или не, не значи дали сака да блокира, блокира или на на друг начин бара едногласност“, одговара Рокас на прашањето за носењето одлуки во ЕУ за проширување.
Во однос на реформските предивици за Македонија, евроамбасадорот Рокас смета дека сега приоритет е враќањето на довербата во правосудството.
„Сега, приоритетот треба да биде законот за Судски совет, што е многу важна реформа во поглед на начинот како е формиран, како се избираат и разрешуваат судии.
Значи, има многу елементи за тоа дека работата е огромна и напредувала релативно брзо, ова е клучната област за сè, борбата против корупцијата, привлекување инвестиции, давање доверба на граѓаните во судскиот систем“, вели Рокас.
Откако е усвоена Реформската агенда во Македонија, евроамбасадорот смета дека, кога првата транша од Планот за раст на ЕУ, од 52,5 милони евра, може да се очекува да биде исплатена пред крајот на годинава.
„Откако е усвоена, се надеваме ќе ги потпишеме договорите за заемите, за инструментите. Првата транша ќе биде исплатена пред крајот на годината, во тоа сум убеден. Исто така, ова е можност да го поздравам Планот за раст, реформската агенда, тоа е солиден и силен проект, којшто се случи иако имавме избори и моравме брзо да работиме на тоа“, ветува Рокас.
Евроамбасадорот Рокас е свесен за фрустрациите во земјава и развојот на евроскептицимот, па еден од приоритетите на неговиот мандат е да се ангажира да ја врати и довербата спрема ЕУ.
„Имам многу едноставен мандат, а тоа е да и помогнам на државата да влезе во ЕУ што е можно побрзо и тоа е единствената цел. Важно е како ќе се постигне тоа, заедно со мојот тим тука и претставниците на земјите-членки на ЕУ и сите амбасадори, ќе ја продолжам мисијата на мојот претходник евроамбасадорот Гир, а тоа е ќе одам во секој агол на земјава, ќе се ангажирам со граѓаните, со младите и треба да ги привлечеме сите кон таа цел.
И мислам дека постои фрустрација веќе подолго време, како што спомнавте во претходното прашање за евроскептицизмот, и мислам дека имаме одговор, па затоа треба да дадеме уверување дека имаме одговор.
Според мене, најголем предизвик е основата на реформите и капацитетот за апсорпција. Вистината е дека до денес, изгубени се големи финансиски средства. Штета, бидејќи тоа ќе направело разлика.
Така што, се надевам дека со овој нов поттик, треба да се искористи оваа можност и да се потрудиме заедно со мандатот на новата Влада, да одиме напред рака под рака и се надевам дека тоа ќе биде мојот единствен фокус во следните четири години“, порачува евроамбасадорот Михалис Рокас во првото интервју за македонски медиум.