недела, 14 јули 2024

РК Алкалоид го суспендираше тренерот кој тепаше дете

Објавено на

часот

Сподели

Родител пријави дека неговото дете било физички нападнато од тренерот Влатко Котески за време на натпревар на турнирот во Сегед. Инцидентот се најде и во билтенот на МВР.

Алкалоид најави дека ќе го истражува случајот, а во меѓувреме му изрече суспензија на тренерот Котески поради сомнеж за наводен инцидент.

„АД РК Алкалоид информира дека клубот, во согласност со своите внатрешни акти, ќе  спроведе детално разгледување на случајот за инцидентот што се случил за време на ракометниот турнир во Сегед, Унгарија, во периодот од 1 до 4 јуни.

Врз основа на Статутот на клубот и дисциплинскиот правилник на АД РК Алкалоид, донесена е одлука Суспензија/Забрана за вршење на функција Помошник тренер во временски период од 3 (три) месеци на лицето Влатко Котески. Суспензијата, како привремена мерка, е изречена поради постоење на сомневање дека во наведениот период на меѓународен турнир одржан во Унгарија е сторен дисциплински престап од страна на Помошникот тренер Влатко Котески, со што директно е нарушен угледот на Клубот. Изречената Суспензија може да се прекине и пред завршување на периодот од 3 (три) месеци за кој е изречена, доколку се донесе правосилна Одлука по спроведена Дисциплинска постапка во рамки на Клубот или се донесе Одлука од надлежен државен орган со која е одлучено за поведението на Помошникот тренер, а во кое поведение се опфатени и елементите на предметниот дисциплински престап.

Правилната работа, дефинираниот систем на функционирање, како и интегритетот и кредибилитетот во работењето се основните начела за кои се залага овој клуб. Клубот посветува големо внимание на работата со младите категории на ракометари, како и на воспитувањето и на грижата за правилен развој и за градење здрави спортски личности.

Во согласност со клупската култура и со спортскиот дух, со помош на правилна организација и стручна работа, АД РК Алкалоид ќе продолжи во остварување на својата визија и мисија да овозможи квалитетен и напреден тренажен процес за развивање и за градење врвни ракометари во македонскиот ракомет“, се вели во соопштението на РК Алкалоид.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ