Реплек е извозна компанија и на над 20 странски пазари пласира повеќе од 78 % од своето производство во фармацевтскиот сегмент. Со своето портфолио компанијата е присутна на пазари во земји членки на ЕУ, Адриа регионот, во земјите на Блискиот исток, во Африка, Југоисточна Азија, како и на пазарите во ЗНД. Дел од производите на компанијата од фармацевтската програма се меѓу најпродаваните на дел од пазарите, што е директна потврда за квалитетот и високата конкурентност на глобално ниво и го докажува потенцијалот за натамошен раст и развој.
„Успехот на компанијата и заокружувањето на една успешна година се должи на стратешката развојна политика, во чии рамки инициравме храбри транзициски процеси кои ги подобрија и зајакнаа перформансите на компанијата. Ние цврство веруваме дека промените и напредокот започнуваат од внатре, а оваа нова компаниска енергија веќе е препознаена на пазарите. Имаме амбициозни планови и ова е само почеток на нивна реализација. Цврство веруваме во нашето портфолио на чие збогатување посветено работат нашите фармацевтски тимови и уверени сме дека нашата посветеност ќе донесе дополнителен раст на компанијата, но и ќе придонесе во развојот на целокупната македонска економија“, истакна Душан Пецовски, главен извршен директор на Реплек.
Оваа компанија лани за прв пат објави и предлог среднорочна дивиденда политика, која се темели на остварување годишна профитабилност на друштвото во распон од 60% до 150% од последниот тригодишен просек, континуирано намалување на релативното ниво на задолженост и проширување и осовременување на работењето преку инвестирање. Преку овој стратешки акт се овозможува поголема предвидливост на исплатата на дивидендата на подолг временски период, што ќе обезбеди и поголем прилив на свеж капитал во компанијата, правејќи ги акциите на компанијата атрактивни за инвеститорите.
Компанијата продолжува со инвестиции и модернизација, со посебен фокус на фармацевтскиот сегмент и зајакнување на позициите на портфолиото на странските пазари.