вторник, 22 октомври 2024

Рекордни приходи на западните гиганти на индустријата на оружје

Најголемите светски компании од областа на воздухопловството и одбраната очекуваат рекордни приходи во следните три години, зашто добиваат сè поголем број државни порачки за ново оружје поради растечките геополитички тензии.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според анализата што ја направи фирмата Вертикал рисрч партнерс за Фајненшал тајмс, 15 водечки одбранбени светски компании во 2026 година ќе остварат проток на пари од 52 милијарди долари, што е речиси двојно повеќе од протекот на крајот на 2021 година.

Според истражувањето, пет најголеми американски одбранбени компании до крајот на 2026 година ќе генерираат приход од 26 милијарди долари, што е повеќе од двојно во однос на 2021 година. Овие бројки го исклучуваат Боинг поради неодамнешните проблеми на таа компанија и големиот удел во цивилното воздухопловство, истакнува ФТ.

Се очекува дека во Европа вкупниот приход на националните гиганти: британскиот БАЕ системс, германскиот Рајнметал и шведскиот Сааб, кои имаа корист од новите договори за муниција и за ракети, ќе порасне за повеќе од 40 отсто.

Индустријата има корист од наглото зголемување на воената потрошувачка, бидејќи владите ги зголемуваат буџетите како одговор на руската инвазија врз Украина и на растечките тензии на Блискиот Исток и во Азија, оценува ФТ.

Германскиот гигант Рајнметал соопшти во јули дека зголемувањето на профитот е резултат на порачките од страна на германската војска, која користи средства од специјалниот фонд од 100 милијарди евра основан по инвазијата врз Украина со цел јакнење на вооружените сили на земјата.

Исто така, германската компанија соопшти дека добила порачка од украинската влада за изградба на фабрика за муниција во Украина.

Во Соединетите Држави, благодарение на неодамна усвоените закони за помош на Украина, Тајван и на Израел, издвоени се речиси 13 милијарди долари за производство на оружје кај петте најголеми американски одбранбени групи, Локид Мартин, Ар-ти-екс, Нортроп Груман, Боинг, Џенерал дајнамикс, и за нивните доставувачи. Британското министерството за одбрана се обврза за воена помош на Украина во вредност од 7,6 милијарди фунти во последните три години, вклучително и за обновување на резервите.

Порастот на државната потрошувачка за одбрана веќе доведе до тоа книгите за порачки да се близу до рекордни нивоа. Иако се потребни неколку години за новите договори да дадат резултат со зголемување на продажбата дури откако ќе се испорача продажбата, бидејќи одбранбените компании го бележат поголемиот дел од својата продажба дури откако ќе се испорача оружјето, порастот на тековите на парите веќе поттикнува расправа за тоа како воената индустрија ќе ги потроши овие пари.

„Тоа е прашање од милијарда долари за индустријата: компаниите обично не сакаат да држат големо количество готовина на своите биланси на состојбата, па што да прават со тие пари? Откуп на акциите и на дивидендата е еден од начините“, рече за ФТ Роберт Сталард, аналитичар на фирмата Вертикал рисрч.

Компаниите веќе насочија милијарди долари на откуп на акции пред неодамнешниот бран на нови порачки; некои дополнително се задолжија за да го направат тоа. Според податоците на Банката на Америка, минатата година беше најјака за откуп на акциите на компаниите од областа на воздухопловството и одбраната во САД и во Европа во последниве пет години.

Аналитичарите тврдат дека компаниите исто така бараат нови работи, но предупредуваат дека големите купувања ќе бидат ограничени поради регулаторни грижи во врска со конкуренцијата.

Се очекува повеќе активност во сè поконкурентната европска вселенска индустрија. Ербас, Талес и Леонардо размислуваат за спојување на некои свои вселенски активности. Амбиција е да се создаде паневропски сојуз во вселената, сличен на МБДА, европски шампион во областа на ракетите, кажаа упатени извори за ФТ.

„Уште има простор компании со средна големина да купуваат други, а регулаторите или министерствата за одбрана да не бидат премногу вознемирени“, рече Бајрон Калан од Капитал алфа партнерс, додавајќи дека некои одбранбени фирми во сопственост на приватниот капитал исто така би можеле да се појават на пазарот во иднина.

Иако воената потрошувачка веројатно ќе остане силна и во следните години, неодамнешниот скок на порачки веројатно ќе се намали, особено кога ќе заврши војната во Украина.

„Тоа е циклична индустрија. Колку и да зборуваат луѓето за десетгодишни циклуси на побарувачка, политиката може да се промени, безбедносните процени може да се променат, а со тоа и побарувачката за одбрана“, рече Калан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ