вторник, 22 октомври 2024

Расте бројот на загинати во железничката несреќа во Индија, речиси 300 загинати и 850 повредени

Објавено на

часот

Сподели

Судханшу Саранги, началник на противпожарната служба во Одиша, рече дека извлекувањето на жртвите сѐ уште е во тек и дека има многу посериозни повреди, пренесува Ројтерс.

Главниот секретар на Одиша Прадип Јена објави на Твитер дека повеќе од 200 амбулантни возила се повикани на местото на несреќата во областа Баласоре во Одиша и дека се мобилизирани дополнителни 100 лекари, покрај 80-те што веќе се таму.

„Спиев. Ме разбуди бучавата на возот кој излета од шините. Одеднаш видов 10-15 мртви. Успеав да излезам од вагонот, а потоа видов многу распарчени тела“, рече неидентификуван преживеан маж.

Видео снимката покажува како спасувачите се качуваат на страната на еден од оштетените возови за да најдат преживеани, додека патниците врескаат за помош и лелекаат. Судирот се случи вчера околу 19 часот по локално време (15:30 по средноевропско време).

Хорах суперфаст експрес, кој сообраќа од Бангалор до Хорах во Западен Бенгал, излета од шините и се судри со Коромандел експрес, кој сообраќа од Калкута до Ченаи.

Властите дадоа спротивставени тврдења за тоа кој воз прв излетал од шините. Министерството за железници соопшти дека покренало истрага за инцидентот.

Иако Јена соопшти дека во судирот учествувал и товарен воз, за ​​што пренесоа и некои медиуми, од Индиските железници сѐ уште не ја споменале оваа можност.

Според Индиските железници, нивната мрежа овозможува превоз на повеќе од 13 милиони луѓе секој ден, а Ројтерс истакнува дека инфраструктурата е застарена. Индија денес прогласи Ден на жалост поради несреќата.

Најсмртоносната железничка несреќа во Индија се случи во 1981 година кога воз падна од мост во река во државата Бихар, при што загинаа околу 800 луѓе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ