„Според прелиминарните информации, во воздушниот простор на Киев нашите сили на ПЗО ги уништија сите непријателски проектили и беспилотни летала! Податоците се утврдуваат“, изјави шефот на градската администрација Серхи Попко, пренесува Интерфакс Украина.
Тој изјави дека досега во Киев нема цивилни жртви, ниту оштетувања на станбени згради и инфраструктура.
Според градската управа на Киев, нападот бил извршен истовремено со крстосувачки ракети и беспилотни летала, а проектилите биле истрелани од стратегиски авиони ТУ-95МС.
Во Киев воздушната тревога траеше околу три часа, јави Интерфакс Украина. Агенцијата Униан јавува дека украинските воздухопловни сили дејствувале во повеќе области.
Во цела Украина синоќа во сила беше аларм за воздушна опасност, а во неколку области, вклучително и Киев, дејствуваше и украинската ПЗО.
Украинската армија соопшти дека соборила 15 од вкупно 18 лансирани руски ракети.
Според украинските локални власти, во јужната област Херсон едно лице загинало, а тројца се ранети.
Во рускиот ракетен напад врз Павлоград, во областа Дњепропетровск, повредени се 25 лица, меѓу кои три деца, соопшти денеска шефот на регионалната управа на Дњепропетровск, Сергиј Лисак.
Тој рече дека се оштетени 19 висококатници, 25 приватни куќи, шест установи за училишно и предучилишно воспитание и образование, како и пет продавници, пренесува Интерфакс Украина.Оштетена е и една индустриска компанија.
„Сега има веќе 34 ранети во ракетните напади на регионот Павлоград“, објави Лисак на Телеграм.
Ова е второ масовно ракетирање од руските сили за три дена, очигледно во обид на Москва да ја обнови својата зимска тактика на напад со ракети со долг дострел во пресрет на планираната украинска контраофанзива, пишува Ројтерс.
Повеќето од ранетите добиле скршеници, повреди од шрапнели или вдишување чад, бидејќи ракетирањето предизвикало пожар во раните утрински часови.
Две жени на возраст од 45 и 55 години се на одделот за интензивна нега. Ранети се три деца, меѓу кои и осумгодишно девојче.
„Имаше напади и во околината, а речиси 40 куќи беа оштетени во блиското село“, рече Лисак.
Украинските вооружени сили објавија дека противвоздушната одбрана пресретнала 15 од 18 истрелани проектили.
Русија тврди дека синоќа нејзините сили гаѓале воени цели
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили извршиле ракетни напади врз цели на украинската војска во текот на ноќта, објави државната новинска агенција Риа.
Министерството за одбрана соопшти дека биле погодени сите нивни означени цели, вклучително и складишта за оружје и фабрики за муниција.
Се додава дека руските сили продолжиле да напредуваат во градот Бахмут.