Рускиот претседател Владимир Путин го почна својот говор со честитки до руската војска за Денот на победата, празник што ги слави „нашите татковци и дедовци“.
Осудувајќи ги лидерите на Украина како неонацисти, тој рече дека само Русија им останала верна на придобивките од Втората светска војна, додека „Западот заборави кој ги победи нацистите“.
Тој не ја спомена борбата на сојузниците, кои ги ослободија јужна и западна Европа од нацизмот, вели Би-би-си.
Тој рече дека во моментов се води вистинска војна и дека Русија го брани својот суверенитет.
„Денес цивилизацијата е повторно на одлучувачка пресвртница“, вели тој.
Обраќајќи им се на насобраните на Црвениот плоштад, Путин рече дека „вистинската војна е онаа против нашата татковина“.
„Повторно почна вистинска војна против нашата татковина, но ние му се спротивставивме на меѓународниот тероризам, ќе ги заштитиме жителите на Донбас и ќе ја заштитиме нашата земја.“
Путин рече дека Западот единствено сака Русија да падне, а дека неговата земја сака мирна иднина, заблагодарувајќи им се на хероите од „специјалната воена операција“ во Украина, како што ја нарекува руската инвазија на таа земја. Рече дека се гордее со војниците што учествуваат во неа и дека руската државност и иднина зависат од тие луѓе.
„Единствената цел на Западот е да го видат падот на нашата земја“, рече Путин на церемонијата по повод Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна.
„Битките што одлучуваат за судбината на нашата татковина отсекогаш станувале национални и свети“, порача Путин.
Тој рече дека „нема ништо поважно“ од нивната борба, бидејќи руската безбедност зависи од делата на оние што се на првата линија.
„Целата земја е обединета во поддршка на нашите херои. Сите се молат за вас“, им рече тој на војниците на Црвениот плоштад.
Тој додаде дека Русија сака „мирна иднина“ и го обвини Западот дека сее „омраза и русофобија“.
Во својот говор рускиот претседател рече дека светот повторно е на пресвртница. Тој го нарече украинскиот народ „заложници на пуч“ и на западните амбиции.
Оваа година сите лидери од Централна Азија се гости на парадата, вклучувајќи го и Казахстанецот Касим-Жомарт Токаев, белорускиот лидер Александар Лукашенко и премиерот на Ерменија. Путин рече дека е многу важно што денес во Москва со него се присутни лидерите на поранешниот блок на СССР.
„Во спомен на синовите, татковците, дедовците“ и другите роднини, рече тој, повикувајќи на едноминутно молчење.
Толпата и лидерите стоеја на Црвениот плоштад и ја набљудуваа тишината додека можеше да се слушне како часовникот ја отчукува секоја секунда.
„Нема посилна кауза во светот од нашата љубов кон нашите вооружени сили“, го заврши Путин својот говор.
„За Русија, за нашите вооружени сили“, рече тој, додека почнуваа тоновите на руската химна.
Денот на победата е еден од најважните празници во Русија, кога луѓето се сеќаваат на големата жртва што ја направи Советскиот Сојуз за време на Големата патриотска војна од 1941-1945 година, која ги однесе животите на 27 милиони луѓе. Оваа годишнина е особено емотивна бидејќи Русија истовремено тагува за илјадниците војници убиени во 15-месечната војна во Украина, на која не ѝ се гледа крајот.