вторник, 22 октомври 2024

Путин пристигнува во Северна Кореја, 24 години подоцна (ФОТО+ВИДЕО)

Рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретне денес со претседателот на Северна Кореја Ким Џонг Ун во Пјонгјанг, а во текот на дводневната државна посета на рускиот претседател планирано е потпишување на договор за сеопфатно стратегиско партнерство.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Договорот за стратегиско партнерство меѓу Русија и Северна Кореја предвидува продолжување на соработката во областите на меѓународната политика, економијата и безбедноста, кажа помошникот на шефот на руската држава Јуриј Ушаков.

„Во тек е изработка на документите кои се планирани за потпишување. Тоа се однесува и на сеопфатниот договор за стратегиско партнерство“, кажа Ушаков.

Тој истакна дека документот, кога ќе биде потпишан, ќе биде одраз на актуелната геополитичка ситуација во светот и нивото на билатералните односи на Русија и Северна Кореја.

„Договорот ќе ги следи сите фундаментални принципи на меѓународното право, нема да биде со провокативен карактер, нема да биде насочен против ниедна земја, туку ќе биде фокусиран на обезбедување поголема стабилност во регионот на североисточна Азија“, додаде Ушаков.

Според него, посетата на Путин покажува дека Русија се залага за рамноправен дијалог, дека е отворена за соработка со сите земји во светот, а особено со најблиските соседи, „и покрај сите обиди на колективниот Запад да се изврши ваков или таков притисок врз нас“.

Путин во писмо објавено пред патот во севернокорејските медиуми ја пофали Северна Кореја за „цврстата поддршка“ на Москва во војната во Украина.

Тој истакна дека Русија секогаш ја поддржувала и ќе ја поддржува Демократска Народна република Кореја и „херојскиот корејски народ во спротивставувањето на агресивниот Запад“, и во нивната борба за независност, идентитет и правото да го изберат сопствениот пат на развој.

„Ме радува тоа што нашите корејски пријатели, и покрај долгогодишниот економски притисок, провокациите, оцените и воените закани од Соединетите Американски Држави, подеднакво се ефикасни во одбраната на своите интереси“, наведе Путин во авторскиот текст.

Според Ушаков, програмата на посетата опфаќа бројни средби, гала концерт во чест на посетата на Путин, положување венци на Споменикот на ослободувањето, посветен на војниците на Црвената армија кои ја ослободиле Кореја во Втората светска војна. Путин ќе ја посети и единствената православна црква во Северна Кореја. Посетата на Путин ќе биде втора посета на шефот на руската држава на Пјонгјанг – последната посета на Путин беше во 2000 година, кога го пречека Ким Џонг Ил, таткото на актуелниот севернокорејски лидер.

По посетата на Северна Кореја Путин ќе го посети и Виетнам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ