Како што дознава порталот Тетова сот, две лица се ранети и се здобиле со тешки прострелни рани, а едното лице веднаш е транспортирано во Киниката во Скопје во тешка состојба. Од тетовската болница велат дека на второто рането лице состојбата му била стабилизирана со лекарска интервенција по што е префрлено во Скопје.
Пукањето се случило пред службата за итна медицинска помош во тетовската болница.
Настанот е потврден и од полицијата.
Служби на СВР Тетово и јавен обвинител се на лице место и се преземаат мерки за пронаоѓање на пет лица, кои се сомничат во врска со случајот. Местото каде што се случила престрелката е под силно полициско обезбедување.
На овој случај денеска му претходела физичка пресметка пред судот помеѓу еден од сега ранетите и еден од осомничените за учество во пукањето.
Според извори на ТВ Клан Македонија во пресметката се вклучени две семејства, Мусаи и Терезија. По тепачката, тие повторно се сретнале на влезот од болницата. Таму дошло и до употреба на огнено оружје, каде биле повредени Адхурим и Зендел Мусаи.
Полицијата работи на расчистување на случајот.