вторник, 22 октомври 2024

Пржинската влада е на пат кон историјата, подготвени за испраќање се и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Објавено на

часот

Сподели

На половина година од изборите, кои е извесно да се одржат во мај, и претседателските и парламентарните избори, прашањето кое веројатно ги оптоварува и партиите од власта и најголемата опозициска партија е таканаречената „пржинска влада“. Дали на Македонија ѝ е потребна таква влада, во која во стоте дена до парламентарните избори на Илинденска ќе седат заедно со владините функционери од владејачките партии и министри од опозициската ВМРО-ДПМНЕ?

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, таква „пржинска влада“ не е функционална.

„Партиите ниту во парламентот, уште помалку во Владата каде имаат извршна функција, не можат да се усогласат и кога станува збор за важни државни прашања. Својата улога ‘пржинската влада’во извесна мера ја одигра своевремено, за да нема влијание на изборите преку МВР и давањето социјални пакети, но потоа веќе на следните избори се виде дека не е нешто што треба да се смета како здраво решение за државата“, изјави за МКД.мк Муслиу.

џд

Пржинскиот формат на влада беше создаден за да се оневозможи злоупотреба на позициите пред изборите. Ако во меѓувреме сме ги постигнале тие постулати заради кои беше формирана таквата влада, односно нема голем ризик за злоупотреби, тој формат може да се напушти. Но мора да се внимава дали имаме доволно силни други институции кои ќе гарантираат фер изборен процес. Инаку точно е дека тој формат не е комплимент за нашата демократска зрелост“, вели за МКД.мк политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

А дека не може за една земја да биде комплимент една таква влада како „пржинската“ доволно е да се потсетиме во какви премрежија беше договорена.

„Пржинска влада беше договорена во 2015 година меѓу четирите тогаш најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, со меѓународно посредништво по долги и тешки преговори. Тоа беше време на длабока политичка криза, време кога тогашната опозиција, на чело со СДСМ, обвинуваше за режим, државен криминал и заробена држава. Според тој договор, на 100 дена пред избори оставка поднесува премиерот, а новиот премиер го одбира партијата со најголем број пратеници во Собранието. Во владата опозицијата ги добива министерските места за внатрешни работи и труд и социјална политика и, тоа што беше исто така тогаш новина, добива дополнителни заменици министри во финансии, земјоделство и информатичко општество. Дополнителни заменички места добива и владејачката партија во внатрешни работи и труд и социјална политика. Логиката беше да се избегнат предизборни злоупотреби со меѓусебна контрола.

Првата „пржинска влада“ ја одигра својата улога со дискутабилна ефикасност, но опстана и за изборите во 2020 година, кога ВМРО-ДПМНЕ не се согласи за нејзино укинување. Во договор со СДСМ стана дел од Законот за влада.

д

И сега, тоа што е интересно, е дека доколку и за овие избори, а така вели законот, повторно се формира „владејачко опозициска“ влада, премиерот ќе треба да го номинира ВМРО-ДПМНЕ, логично, од своите редови, бидејќи Законот за влада во членот 43 не третира власт-опозиција, туку „партија со најголем број пратеници во Собранието. Најголем број пратеници има ВМРО-ДПМНЕ, повеќе од СДСМ која пак партија сепак успеа да ја освои власта со коалицирање со ДУИ.

Во тој член од Законот за влада е наведено: Сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.

Но, без оглед што би имале 100 дена премиер и двајца клучни министри кога станува збор за период на избори, уште минатата година ВМРО-ДПМНЕ иницираше измена на законот со бришење на членовите за „пржинската влада“. На седница на Собранието ВМРО-ДПМНЕ беше надгласана, а според СДСМ за такво прашање требало претходно да се консултираат со другите партии и да се постигне консензус. А, тогашната изјава на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески беше признание дека таков вид на преодна влада и не е потребна повеќе.

Добро е што сега ВМРО-ДПМНЕ по толкав период признава дека нашата држава има институции кои можат да спроведат фер и демократски избори и за разлика од 2016 година кога државата беше категоризирана како заробена, денеска е држава која може да спроведе фер, демократски и слободни избори признаени од сите, рече Митрески.

Професорката по уставно право и пратеничка Гордана Силјановска Давкова предупредуваше дека станува збор за неуставна одредба во Законот за влада и дека една таква влада укажува дека државата е во фаза на неспособност.

Моделот на Пржинска влада е неуставен, никаде во Уставот не е наведено дека треба да се формира преодна влада со дополнителни министри. Не е тоа влада која ќе овозможи фер и демократски избори, администрацијата да биде непристрасна, туку арена за блокади и треба да се отстрани од законот“, рече Силјановска Давкова.

Таа посочи дека Пржинската влада мора да биде укината во парламентот и конечно да се следат препораките на Венецијанската комисија за Изборниот законик.

ДУИ се согласуваше дека таква влада не е потребна и дури наведоа дека постои начелен договор за нејзино укинување, но исто така инсистираа дека за бришење на законската одредба се потребни преговори и консензус.

dx

Една година подоцна, во март годинава премиерот Димитар Ковачевски беше категоричен дека „пржинска влада“ не ѝ треба на Македонија.

Земја која е членка на НАТО, која отвори преговори со ЕУ, која претседава со ОБСЕ, која во моментов е фактор на стабилност на Балканот, сметам дека не треба да има таква влада, рече Ковачевски.

А, пред само три недели, претседателот на Собранието, Талат Џафери сепак предупреди на законските обврски, потсетувајќи на роковите за закажување на изборите за в година, што е во негова надлежност и за што предупреди дека партиите кога си прават математики за датум на одржување на изборите или за датум за двојни избори, мора да ги имаат предвид стоте дена на „трансформираната“ влада.

Пржинскиот договор, односно пржинската или техничка влада е преточена во закон, стои во актуелниот Закон за влада. Партиите треба да внимаваат на законските обврски кога шпекулираат за датум за избори. Последните 100 дена од мандатот според актуелниот закон треба да се формира техничка влада, значи 100 дена пред 5 Мај, како прв можен датум за парламентарни избори. Тоа е во законот и тој треба да се почитува“, рече Џафери.

Но, лебди прашањето зошто ако главните партии сметаат дека „пржинската влада“ треба да замине во историјата, а помалите партии секако уште повеќе не се заинтересирани за неа, со едноставно ново гласање во парламентот не ги избришат членовите од Законот за влада кои ја дефинираат таа преодна влада?

Се чини затоа што и тој сегмент од Пржинскиот договор е добар за политички пазар.

Во СДСМ неофицијално велат дека се подготвени да се разговара за ова прашање и велат дека изборниот процес би бил помалку оптоварен со веројатно можни различни ситуации и препукувања, изрази на меѓусебна недоверба, внатре во една таква преодна влада.

Од ВМРО-ДПМНЕ за МКД.мк исто така неофицијално, велат дека се подготвени да го олеснат патот до изборите и да ја остават актуелната влада во овој состав до нејзиниот, нагласуваат, изборен пораз на двојните избори. Имаат предлог да се укине Пржинската влада и еден услов поврзан со избор на опозициски претставник во Државната изборна комисија.

„Доколку ДУИ и СДСМ се согласат да се утврди конкретен датум за заеднички претседателски и парламентарни избори, на пример на 8 мај, подготвени сме да се измени Законот за влада и да нема ниту сега, ниту во иднина формирање на техничка/пржинска влада. Но, истовремено услов е да се избере член на Државната изборна комисија на испразнетото место за да може комисијата да работи во полн состав пред и за време на изборите“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

d

„Затоа и велам, работа е на партиите по кој пат би оделе за евентуално укинување на ‘пржинската влада’. А очигледно станува дека треба да седнат на заедничка маса, да ги премерат своите интереси и да испреговараат. Според мене, како набљудувач на процесите во земјава, таква влада е непотребна и треба да се укине. Впрочем, секако дека во предизборен период секоја влада треба да функционира како техничка“, коментира Муслиу.

д

Со слично гледиште е и аналитичарот Петар Арсовски, според кого извршната власт треба да функционира нормално без на каков било начин да фрли сенка на изборите.

„Секако, основните постулати остануваат, а тоа се да се обезбеди фер изборен процес, и еднакво поле за натпревар меѓу партиите пред изборите“, нагласува Арсовски.

На извесен начин последица од Пржино може да се смета и застапеноста власт – опозиција во Државната изборна комисија, поради што последниве недели има големи меѓупартиски препукувања и барање од Европски сојуз за промени да го заземе тоа испразнето место во комисијата.

Но, иако не било ниту дискутирано за време на пржинските преговори, можеби треба да се смета како последица и идејата за премиер Албанец во периодот на техничката влада, за што ДУИ веќе се подготвува.

За премиерот Ковачевски, како што веќе неколкупати се има изјаснето, тоа прашање е апсолвирано.

с

„Етничката припадност не е професија. Секој што ги има потребните квалификации, знаења и способности, може да биде премиер. Сме имале и премиер Влав и се покажал успешен. Тоа е нешто што е асполвирано во јавноста уште пред три години“, изјави во една прилика Ковачевски.

Муслиу вели дека не треба да се прави драма ако премиер биде Албанец бидејќи станува збор за коалициски договор меѓу СДСМ и ДУИ и дека практично, тоа не може да се смета за обврска по ниедна друга основа, освен меѓупартиска.

„Како што може да се назначи некој министер, така може и да се назначи премиер. Тоа веќе сме го имале. А од немакедонска етничка припадност исто така сме имале премиер, Влав. Не гледам дека кај опозицијата има некаква резерва и верувам дека тоа ќе се испочитува“, вели Муслиу.

Според него, единственото нешто што може да го измести целиот разговор и околу „пржинската влада“ и околу прашањето за премиер Албанец е „утре власта и опозицијата да се договорат да се изгласаат уставните измени и веднаш да се оди на предвремени избори“.

                                                             П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ