петок, 29 ноември 2024

Прво да се донесе Деловникот за работа, па после ќе се утврдуваат нацрт-уставните измени, вели претседателката на работната група, Цаца Николовска

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на работната група Маргарита Цаца Николовска пред почетокот на средбата рече дека ќе продолжат да работат на разгледување одредби од Деловникот за работа. Се додека не биде донесен Деловникот, како што изјави, нема да можат да почнат да работат на суштинската материја, затоа што од Деловникот произлегуваат многу работи кои што треба да ги имаат во предвид. 

„По однос на времето кога ќе завршиме, и тоа не можам да ви кажам. Некојпат кога мислиме дека многу брзо оди, застануваме некаде и голема е групата, па додека секој да го каже своето мислење, времето поминува. Меѓутоа, како и да е, јас сум задоволна што почнавме да го работиме Деловникот и се надевам наскоро ќе биде завршен тој дел од работата, а потоа да се впуштиме во она што ние го имаме како мандат, а тоа е да изготвиме предлог нацрт, иницијатива за уставни промени во рамките на она што е одлука на Собранието и одлука на Владата и она што фактички произлегува од одлуките, формирање на оваа група од министерот за правда“, рече Николовска. 

Во однос на изјавите од владата дека до крајот на мај очекуваат оваа предлог-иницијатива да биде доставена до Собранието, Николовска истакна дека не сака да калкулира со време, бидејќи како што посочи, никогаш не се знае кога и како ќе се одвиваат работите.

„Факт е дека ние сакаме исто така колку е можно побрзо да се заврши оваа работа. Меѓутоа, сите работи не зависат само од нас. Меѓутоа желба на сите е колку може побрзо да ги презентираме нацрт одлуките односно нацрт промените коишто сметаме дека треба да се извршат, и што е уште поважно аргументите, заради тоа што сметам дека на македонската јавност треба да ѝ биде убаво објаснето, за да сфати што е фактички проблемот, што е стратешката цел и колку треба да се работи на таа стратешка цел за да можеме да го  оствариме она што на еден одреден начин сите го посакуваме, а тоа е влез во ЕУ“, рече Николовска. 

На новинарско прашање дали изготвените предлог-амандмани ќе бидат доставени на увид на јавноста и на граѓаните, Николовска рече дека нивна обврска е да ги изготвават и оти за понатамошната процедура надлежна е Министерството за правда.

„Значи ние имаме обврска да ги изготвиме и ги доставуваме до Министерство правда. Како тие понатаму ќе се однесуваат во тој поглед, не можам да ви кажам. Јас само можам да ви гарантирам дека комисијата ќе работи крајно транспарентно и ќе бидете известени апсолутно за сѐ што работиме и како работиме“, рече Николовска. 

Работната група за подготовка на предлог иницијативата за потребата од уставни измени, за внесување на Бугарите, заедно со другите етнички заедници, што пак е услов за отворење на кластерите во процесот на преговори со Европската Унија, ја сочинуваат 23 членови од кои десет се од редот на експертите, десет се предлози на политички партии и тројца се членови од институции.

Од редовите на СДСМ во групата е Цветанка Иванова, Арбр Адеми е од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.

Од институциите Александар Спасов е од Кабинетот на претседателот, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.

Од редот на експертите во групата членуваат Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд, Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право, Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд, Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Ана Чупеска – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет и Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ