петок, 19 јули 2024

Првиот претседател на Словенија: Туѓман и Милошевиќ договараа поделба на БиХ

Милан Кучан, првиот претседател и поранешен шеф на комунистите во Словенија за босански Кликс зборуваше за периодот на распадот на Југославија и борбата за независност.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој тврди дека Југославија е „вештачка творба, создадена во посебни временски прилики кои биле погодни за создавање таков конгломерат на овој простор“. Признава дека постоеле културни, верски, цивилизациски и историски разлики.

„Додека имаше интереси за заеднички живот, а такви интереси имаше многу, се бараше секогаш механизам и процедури за тие разлики да не бидат разорни, да не бидат кобни за постоењето на таа држава. Но како што се менуваа приликите во земјата и во меѓународната заедница, таквата земја секогаш мораше да бара одговор на сите нови предизвици. И додека Југославија беше во состојба да најде одговор, тоа функционираше“, смета Кучан.

Како клучни интегративни фактори за опстанокот на Југославија ги наведува личноста на Јосип Броз Тито, идеологијата, Југословенската народна армија и партијата.

„Интегративните фактори почнаа да слабеат. Тито го немаше. Идеологијата која удираше во логиката на либерализмот и парламентарната демократија повеќе ја немаше таа сила. Се распадна пазарот. Партијата се распадна на 14-от конгрес, кога нашата делегација замина“, се сеќава тој.

„Остана ЈНА, а таквата армија во повеќенационалната заедница, составена од припадници на сите тие народи, не може во ниедна земја да биде фактор на интеграција. Таа се обидуваше тоа да биде, но заврши со тоа што ги почнуваше војните, за жал, прво во Словенија, па во Хрватска, и особено во Босна и Херцеговина“, смета тој.

Според него, соодветна алтернатива во тој момент било „осамостојување на принцип на здружување“. „Како што Југославија се здружила, така требаше да се раздружи“, уверен е Кучан. Вели дека бил свесен од опасноста од насилен напад.

„Затоа ние нудевме декларација за мирно раздружување, која за жал не беше прифатена. Само хрватскиот Сабор ми даде поддршка“, вели тој.

Се осврна и на тврдењата на германскиот новинар Михаел Мадсен кој неодамна објави дека Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ разговарале за поделба на БиХ.

„Јас со Туѓман разговарав дека тој со Милошевиќ треба да се договори околу позицијата на српскиот народ во Хрватска. Иако тогаш бевме во блиски односи, речиси секојдневни со Хрватите, тој тогаш ми кажа: „Па јас веќе имам контакти со Милошевиќ“, вели Кучан.

„Тие веќе повеќе пати разговарале, но не за тоа за што јас мислев дека треба да разговараат, туку за поделба на БиХ. А штом почнете дискусија околу поделби, промени на границите и слично, тоа е војна, тука нема друго решение. А тој не беше свесен за тоа“, истакна тој.

„Можеби сте ја читале книгата која ја напиша шефот на неговиот тогашен кабинет. Тој бил присутен на тој разговор. И тука гледате дека ним не им било гајле за последиците. Туку само кој ќе земе повеќе во БиХ. Ние во Словенија бевме остро против тоа. И тоа им го кажувавме на сите од меѓународната заедница. За жал, не можевме да го спречиме“, заклучува Кучан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ