сабота, 19 октомври 2024

Првата мисија на ОН по 30 години влезе на територијата на Нагорно-Карабах

Ерменија и Азербејџан водеа две војни во последните три децении за регионот, кој по распадот на Советскиот Сојуз беше мнозинска етничка ерменска енклава во меѓународно признатата граница на Азербејџан.

Објавено на

часот

Сподели

Мисијата на Обединетите нации (ОН) пристигна денеска во Нагорно Карабах, соопштија властите на Азербејџан, пренесе АФП.

Ова е првпат во последните 30 години оваа меѓународна организација да добие пристап до регионот.

Портпаролот на азербејџанското претседателство изјави за АФП дека „мисијата на ОН пристигна во Карабах во неделата наутро главно за да ги процени хуманитарните потреби“.

Ерменските сепаратисти, кои го контролираат регионот три децении, се согласија да се разоружаат, да ја распуштат својата влада и да се реинтегрираат со Баку по еднодневната офанзива на Азербејџан минатата недела.

После тоа, речиси сите 120.000 жители на Нагорно-Карабах ја напуштија територијата на Нагорно-Карабах, што предизвика бегалска криза.

Ерменскиот премиер Никол Пашињан го обвини Азербејџан за „етничко чистење“.

„Ова е директен чин на етничко чистење за кој ја предупредивме меѓународната заедница“, рече Пашињан на владината седница на 28 септември, повикувајќи на конкретна акција од страна на меѓународната заедница.

Баку ги отфрли обвинувањата за етничко чистење и вели дека сака да го „реинтегрира“ етничкото ерменско население во енклавата во Азербејџан.

Министерството за надворешни работи на Азербејџан ги повика етничките Ерменци на 28 септември да останат во Нагорно-Карабах.

Франција го критикуваше Азербејџан за тоа што дозволи пристап на мисијата на ОН во регионот, откако поголемиот дел од населението веќе побегна.

Крајот на сепаратистичките напори на Нагорно-Карабах му нанесе тежок удар на вековниот сон на Ерменија за повторно обединување, пренесе АФП.

Портпаролката на ерменскиот премиер Назели Багдасарјан изјави дека до недела наутро, на 1-ви октомври, во Ерменија пристигнале „100.483 присилно раселени лица“.

Таа наведе и дека повеќе од 45.000 бегалци се наоѓаат во привремено сместување.

По молскавична акција на азербејџанската војска, на 20 септември, двете страни потпишаа договор за прекин на огнот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ