вторник, 22 октомври 2024
Реакција на опозицијата по експозето на Мицкоски

СДСМ: Програмата на владата е далеку од ветувањата, предложените кандидати се стари кадри на Груевски

Програмата на Владата и концептите на партиите кои се дел од мнозинството се различни од ветувањата коишто беа дадени пред граѓаните, а прашањата кои беа отворени во минатото и на манипулативен начин ѝ се наметнуваа во јавноста ги нема воопшто, рече пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничката група Оливер Спасовски денеска во македонското Собрание во расправата за избор на влада. За опозицијата, предложените имиња за владата се стари кадри на поранешниот премиер Никола Груевски и „луѓе како Муцунски кои не направиле ништо како градоначалници“. Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев кандидатите за министри ги нарече глумци и кажа дека Мицкоски „става погрешни луѓе“ во ресорите.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Првиот основен приоритет, нашето членство во Европската унија во програмата е со сосема различен концепт од оној што го застапуваше како опозиција во изминатите 8 години и во времето на предизборието, како што е почитувањето на Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Преговарачката рамка.  Факт е дека нема ниту збор за укинување на Преспанскиот договор, ниту збор за укинување на Договорот со Бугарија и факт е дека нема план за тоа како ќе ја промените преговарачката рамка за којашто зборувавте со години наназад дека нема да ја прифатите“, рече Спасовски.

Тој потенцираше дека деновиве се гледа и промената на личниот став на Мицкоски за Преспанскиот договор,

„Ако ги погледнете изјавите од пред изборите, во коишто најавувате дека нема да го користите уставното име или дека нема да ја користите придавката денеска најавивте дека тоа ќе го направите. Тоа ли е новиот концепт? Ако е така чесно е да биде тоа кажано пред граѓаните. Затоа што едно е пред граѓаните да речете дури и мандатот ако треба нека ми го одземат јас нема да ја користам придавката на името а денеска овде пред македонското Собрание зборувате како мандатар најавувате почитување на Преспанскиот договор и уставното име на државата“, рече Спасовски.

Многу од проектите коишто се дел од Програмата немаат рокови за реализација, нема финансиска конструкција како и на кој начин ќе се дојде до реализација, а не се зборува ништо ниту за задолжувањето од 1 милијарда коешто се најавуваше во јавноста, дополни Спасовски.

„Има дел во програмата коишто сте ги ставиле како големи достигнувања а веќе постојат и функционираат. Тоа зборува за една програма за работа којашто е напишана со цел само колку да кажете дека нешто ќе правите во иднина. На пример во делот на безбедноста и одбраната сте навеле дека ќе воспоставите систем за видео надзор на граничните премини. А таков систем функционира веќе 30 години на сите гранични премини. И тоа не е еден систем туку два, и на Царинската управа и на МВР“, рече Спасовски.

Иако се најавуваше многу во делот на инфраструктурата освен доградба и довршување на проектите кои веќе се започнати, нема нови проекти, додаде тој.

„Дури и толку напаѓаниот од Ваша страна проект за коридорите, кој се работи од страна на Бехтел и Енка, тој договор за којшто велевте дека е криминален гледам дека со задоволство е прифатен и ставен во програмата на Владата“, рече Спасовски.

За опозицијата, предложените имиња за владата се стари кадри на поранешниот премиер Никола Груевски и „луѓе како Муцунски кои не направиле ништо како градоначалници“.

„Кога ги читаме имињата коишто сте ги предложиле можам само да кажам добредојде Груевски, штом се тука Владо Мисајловски, Златко Перински, Љупчо Димовски, Александар Николовски, Зоран Љутков, тогаш тука е и Груевски. Читаме овде имиња кои се поврзани со криминал, со криминал и рацете им биле во медот. Што значи најмалку имаат легитимност да бидат министри. Во овој состав има министри кои едвај чекаат да им заврши мандатот како градоначалник. Таков е Тимчо Муцункски. Не знаеме со што заслужува да биде избран за министер. Ќе биде запаметен како градоначалник којшто нема реализирано ниту еден проект во општина Аеродром“, рече пратеничката на СДСМ Даниела Николовска.

Дојдовте на власт со манипулации на патриотски чувства и лаги за кои сега нема ништо. Исто како што Муцунски ветуваше поништување на маркици за згради а мандатот го завршува со нов ДУП за нови згради, додаде таа.

„Согласно она што ВМРО-ДПМНЕ го ветуваше во целиот период и како опозиција и во предизборието очекувавме денеска да видиме како Македонија ќе стане повторно горда и никогаш Северна ќе стане реалност. Дека ќе слушнеме како ќе ја смените Преговарачката рамка, како ќе го укинете или смените Преспанскиот Договор, но ништо од тоа. Нема ништо ниту од тоа како ќе се покачат платите и пензиите, нема ништо како ќе се борат против корупцијата и криминалот, рече пратеничката на СДСМ“, Даниела Николова.

Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев кандидатите за министри ги нарече глумци и кажа дека Мицкоски „става погрешни луѓе“ во ресорите. Тој денеска од собраниската говорница изјави дека ја прочитал програмата на новата Влада 2024-2028 и, како што рече, тоа се „најзалудно потрошени четири часа од мојот живот“.

„Зошто кога сте на власт сега да не ни ги прифаќаат амандманите со С. Македонија. Во три реда на пет места има Република Северна Македонија. Барем да се обидевте, како ние, да протневте Република С. Македонија. Сте требале да додадете и едно „и“ и да биде Република Северина Македонија оти го изд**ивте народот за тоа што му ветувавте“, кажа Апасиев, забележувајќи што идниот мандатар Христијан Мицкоски во поднесокот за нова Влада до Собрание, повеќе пати го споменал уставното име на земјата.

Апасиев речиси единствен од сите пратеници кои денеска се јавија за збор на седницата за изгласување состав на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, ги кометираше министрите предложени од Мицкоски.

Тој смета дека новата владеачка партија „става погрешни луѓе“ во ресорите.

„Секогаш кога ВМРО-ПМНЕ се на власт имаат најголеми влади – гломазна влада, африканска влада. Во неа имате голем број вицепремиери и само три жени.

Ги наброја министрите и според професијата правници, доктори, спортист, глумец…Сите сте глумци во владата. Имате и еден косовски шпион во владата и веднаш ќе му реферира на Курти“, рече меѓу другото пратеникот од опозицијата.

Според него, во програмата има само десетина добри работи и сите се препишани од Левица.

Апасиев забележа дека во новата владина програма два пати се спомнува зборот работник, а ни еднаш синдикат, што пак за него е показател дека целата владина политика ќе биде посветена на заштита на богаташите, да го зачуваат и умножат богатството, а не за зголемување на плати и за нови вработувања. Потсети дека секој петти граѓанин е на работ на сиромаштија, но предложените владини политики, не содржат решенија за таа состојба.

„Се воведува ‘мицковизам’. Имате бугараши, бранковисти – секоја чест за нив, михајловисти, но од оние од Дража Михајловиќ“, коментираше Апасиев на денешната собраниска седница за избор на новата влада.

Тој се зачуди и од обемноста на биографиите доставени од Мицкоски и другите предложени министри.

„Онаа на Мицкоски е на 12 страни, но не гледам зошто наведувал какви научни трудови има изработено тој. Што ни значи нам на пратениците?“, праша Апасиев.

Дополнително го критикуваше и Тимчо Муцунски, кој е предложен за министер за надворешни работи.

„Јас доаѓам од Аеродром каде што се вели дека од Златко Марин полош градоначалник е само Муцунски. Во 15 години што живеам таму општината понечиста не била“, додаде Апасиев, па праша ако Муцунски не знаел да се грижи за општина, како ли ќе се покаже како шеф на дипломатијата?

Предложениот министер за дигитална транзиција Стефан Андоновски пак, му заличи на Бојан Маричиќ од СДСМ, како пандан од ВМРО-ДПМНЕ.

За министрите од Вреди пак рече дека самите тие им ги кажувале криминалите, а сега се предложени за министри.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ