Како што информираше организаторот на иницијативата, Тодор Кулаков, материјалите ќе ги предадат на судски вештаци, кои ќе го утврдат точниот број на присутни пратеници во Собранието и според вештачењето, како што вели, „се доведува до прашање легитимноста на изборот на претседател.
„Ќе ги дадеме сите фотографии и видеа од гласањето во Собранието на судски вештаци и тие да ги пребројат гласовите, односно кренатите раце при гласањето за избор на претседател и кога ќе избројат 58 гласови, односно недоволен број на гласови за мнозинство, тогаш ќе заклучиме дека сите што влегоа во Собранието тој ден се најголеми патриоти, а не терористи. Се разбира дека никој не оправдува физички напади, но клучот е во тоа дека браќата од 27 април не се терористи, ниту било што наведува дека се работи за договорени терористички напади и други насилни дела и организирани активности. Тие самите меѓу себе не се ни познаваат и намерно се создаваше слика дека се работи за којзнае каков терористички план“, рече Кулаков.
Појасни дека проектот се состои од неколку фази кои планираат да ги реализираат со цел ослободување на осудениците од „27 април“ и нивно обезштетување , како и нивните семејства, но и преименување на две улици во градот во чест на, како што рече, на „уставобранителите“. Според Кулаков, во случајот „27 април“ има многу контроверзи и голем број на вести, видеоматеријали и фотографии од гласањето за претседател на Собранието на 27 април кои се избришани.
„ Направивме алманах за детално да објасниме како се одвива проектот и на кој начин стигнуваме до донесување слобода за сите тие луѓе. Ова е случај кој го следат многу контроверзии. Седум години многу работи се испуштени, многу работи не се направени, односно, апсолутно никаква иницијатива не е пројавена до пред половина година наназад, а после тоа на чуден начин почнаа разно разни иницијативи. Јас ќе речам дури и без концепт. Но, ова е проект кој една година е подготвуван и стоиме зад тоа дека е единствен којшто ќе донесе слобода за браќата од 27 април“, рече Кулаков.