сабота, 19 октомври 2024

Проектил погоди танкер во близина на Јемен, пловел кон Јадранот

Противбродски крстосувачки проектил, лансиран од дел на Јемен под контрола на бунтовниците Хути, погоди комерцијален танкер. Избувнал пожар и причинета е штета, но нема жртви, се наведува во соопштението на американската војска. Сите 22 членови на екипажот од Индија се добро и танкерот е на пат кон безбедно пристаниште, објави сопственикот на бродот.

Објавено на

часот

Сподели

Нападот на танкерот Стринд се случил на околу 60 наутички милји (111 километри) северно од теснецот Баб ал-Мандаб, кој ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив, околу 21 часот по локално време, изјави американски претставник за Ројтерс. Друг американски функционер рече дека Стринда можел да се движи на свој погон во часовите по нападот. Хутите, кои значително го проширија својот арсенал на оружје во последниве години, ја презедоа одговорноста за нападот.

„Во моментот на нападот немаше американски бродови во близина, но разурнувачот на американската морнарица УСС Мејсон одговори на повикот од Стринда и во моментов дава помош“, соопшти Централната команда на американската војска, која ги надгледува американските сили на Блискиот Исток.

Танкерот за превоз на хемикалии плови под норвешко знаме.

Хутите, кои му се наклонети на Иран, се вплеткаа во конфликтот меѓу Израел и Хамас, кој се прошири низ Блискиот Исток од 7 октомври, по масакрот на цивилите од страна на Хамас во јужен Израел. Оттогаш, Хутите постојано напаѓаат бродови кои минуваат низ клучните водни патишта во близина на Јемен и гаѓаат со беспилотни летала и проектили врз самиот Израел.

Во саботата тие рекоа дека ќе ги нападнат сите бродови кои се движат кон Израел, без разлика на знамето под кое пловат, и ги предупредија меѓународните бродски компании да не соработуваат со израелските пристаништа.

Танкерот Стринда превезувал растително масло и биогорива и пловел кон Венеција, Италија, според податоците на компанијата за следење на бродови Кплер. Не е јасно дали Стринда има некаква врска со Израел.

Групата Хути, која владее со поголемиот дел од Јемен, вели дека нејзините напади се знак на поддршка за Палестинците и вети дека ќе продолжат се додека Израел не ја прекине офанзивата на Појасот Газа, кој се наоѓа на повеќе од 1.600 километри од седиштето на Хутите во Сана.

Хутите се една од неколкуте групи во Оската на отпорот, која е поврзана со Иран, која ги гаѓаше израелските и американските цели откако нивниот палестински сојузник Хамас го нападна Израел.

Во текот на првата недела од декември, три комерцијални бродови беа нападнати во меѓународни води, поради што интервенираше разурнувач на американската морнарица. Хутите минатиот месец запленија и товарен брод во британска сопственост поврзан со израелска компанија и објавија видео од нападот.

Соединетите држави и Велика Британија ги осудија нападите врз бродовите, обвинувајќи го Иран за неговата улога во поддршката на Хутите. Техеран вели дека неговите сојузници одлучуваат независно. Саудиска Арабија побара од САД воздржаност во одговорот на нападите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ