вторник, 22 октомври 2024
Вашингтон

Продолжува самитот на НАТО, не се знае дали ќе има средба Мицкоски-Мицотакис

Во Вашингтон продолжува самитот на НАТО, со кој се одбележуваат 75 години од формирањето на Алијансата во 1949 година. Главни теми се обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Пактот, зајакнување на одбранбената индустрија и инвестициите и зацврстување на глобалните партнерства.

Објавено на

часот

Сподели

Генералниот секретар на НАТО во заминување Јенс Столтенберг синоќа изјави дека очекува на самитот да бидат донесени важни одлуки за иднината на Алијансата, како и одлуки за натамошно зајакнување на помошта за Украина.

На самитот учествува и македонска владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски во чиј состав се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, исто така, е во Вашингтон каде учествува на Парламентарниот самит на НАТО.

Предвидени се голем број билатерални средби со државници на земји членки на Алијансата, но останува неизвесно дали на маргините на самитот, Мицкоски ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој исто така учествува на самитот.

Премиерот Мицкоски, пред заминувањето за Вашингтон во однос на евентуалната средба со неговиот грчки колега, изрази надеж дека доколку се случи тоа, „ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи“.

Мицотакис, пак, најави дека на Самитот во Вашингтон ќе го покрене прашањето со „прекршувањето на Договорот од Преспа од соседната земја“. Ваквиот став вчера го повтори директорот на Канцеларијата за односи со јавност и медиуми на грчкиот премиер, Панос Амирас во интервју за државната телевизија ЕРТ и посочи дека не е планирана средба на двајцата премиери, јави дописничката на МИА од Атина.

Во рамки на посетата на САД, претседателот на Владата Мицкоски вчера остварил повеќе билатерални средби со високи американски претставници во Вашингтон, а одржа предавање на престижниот Универзитет Џон Хопкинс во Балтимор, каде пред присутните, меѓу другото, зборуваше во врска со нашето отпочнување преговори со ЕУ. Тој при тоа потенцира дека ние немаме гаранција за последно барање во разговорите со Бугарија.

„Ние нема да може да бидеме спремни да ги отпочнеме преговорите ако не вметнеме неколку стотина наши граѓани во Уставот, што значи дека тоа е дел од бугарското малцинство во Македонија. Кој може нам да ни гарантира дека ова е последно барање? Во судот за човекови права во Стразбур, имаме 14 пресуди кои велат дека правата на Македонската заедница во Бугарија се повредени. И тука се поставува логично прашање, чии права се повредени“, рече Мицкоски.

Зборувајќи за ветото на Бугарија, тој истакнал дека треба да се разговара за вистински добрососедски односи, но тие да бидат двонасочни. Македонските граѓани, рече Мицкоски, премногу жртвуваа за европската перспектива и доста е со понижувања.

„Ние не сме политичари полни со наводи за криминал и корупција какви има во регионот. Ќе ги штитиме нашите интереси, подготвени сме да разговараме со аргументи, да ги презентираме истите, да видиме чии аргументи ќе преовладеат. Македонските граѓани за европската перспектива дадоа како никој досега“, потенцирше премиерот Мицкоски.

Северноатлантскиот договор со кој беа ставени темелите на НАТО, беше потпишан на 4 април 1949 година во Вашингтон од страна на 12 земји – Белгија, Велика Британија, Данска, Исланд, Италија, Канада, Луксембург, Норвешка, Португалија, САД, Франција и Холандија. Денес Алијансата брои 32 членки, меѓу нив и Македонија која стапи во полноправно членство во 2020 година. Последни на Алијансата и пристапија Финска во 2023, а во 2024 година кон Алијансата се придружи и Шведска.

Ова ќе биде последен самит на НАТО под водство на Столтенберг, кој наесен ќе биде наследен од поранешниот холандски премиер Марк Руте.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ