сабота, 19 октомври 2024

Пригожин: Вагнер е подготвен да го зголеми присуството во Африка

Објавено на

часот

Сподели

„Не го намалуваме нашето присуство, згора на тоа, подготвени сме да зајакнеме различни контингенти“, изјави Пригожин за камерунската Африк медиа, пренесе Ројтерс.

Телефонското интервју беше објавено на Јутјуб, но е прегледано само 1.400 пати, до доцна во петокот.

Ројтерс не можеше веднаш да ја потврди автентичноста на аудиото, но глас што се чини дека е на Пригожин се слуша под францускиот превод.

Во интервјуто, тој рече дека Вагнер ги исполнува сите свои обврски на континентот и дека е подготвен дополнително да ги развива односите со африканските земји.

Борејќи се на страната на Русија, Вагнер учествуваше во некои од најкрвавите конфликти во украинската војна. Сепак, неговата идна улога беше доведена во прашање кога Пригожин организираше краток бунт минатиот месец и Кремљ рече дека ќе замине од Русија во Белорусија, каде што некои од неговите борци почнаа да ги обучуваат белоруските сили.

Сепак, оваа недела тој беше фотографиран во Санкт Петербург за време на руско-африканскиот самит, вклучително и покрај новинари на Африк медиа.

Пригожин потврди за Африк медиа дека нова ротација на Вагнеровите сили неодамна пристигнала во Централноафриканската Република (ЦАР) пред уставниот референдум на 30 јули, со кој претседателот Фаустин-Арчанж Туадера би можел да го продолжи својот мандат.

„Пристигнаа нови сили, ја контролираме територијата на републиката“, рече тој без да ја прецизира големината на силите.

Руските платеници, вклучително и многумина од Вагнер, интервенираа во 2018 година на страната на владата на ЦАР за да ја угушат граѓанската војна што беснееше од 2012 година.

Улогата на Вагнер во ЦАР, Мали и на други места во Африка е извор на загриженост за западните влади, вклучувајќи ги Франција и САД. Вашингтон ја обвини групата за извршување на широко распространети злосторства и ѝ воведе санкции како на криминална организација.

Пригожин го негира ова, велејќи во интервју дека сите активности на Вагнер биле легални и корисни за земјите во кои тој работи и нивните односи со Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ