„За средба мора да има согласност од двете, трите, петте претпоставени страни учеснички. Во овој момент нема таква согласност. Ако некој сака да разговараме за т.н. хрватски модел, другата страна вели таа работа сме ја решиле пред 20 и повеќе години. Ако првава страна вели да разговараме за Бугарите во Уставот, зошто да не, бидејќи тоа е главна претпоставка за да продолжиме кон Европа, другава страна вели не. Не можеш со сила некого да натераш на муабет“, изјави Пендаровски денеска во Тетово пред почетокот на предавањето пред студентите на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово.
На новинарско прашање за предлогот на некои партии за замена на фразата 20 проценти со албански јазик, претседателот Пендаровски рече дека за тоа нема проблем.
„Јас сум го кажал тоа многу пати и тоа едно, две-три години наназад, и тоа апсолутно не ми пречи и прв би поддржал бидејќи мислам дека тоа е природна, нормална работа. Зошто нечиј етнички идентитет, кој е јасен и неспорен за секого, би го криеле зад бројки“, истакна шефот на државата.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, денеска изјави дека наскоро Министерството за правда ќе ги објави и имињата на експертите од академската фела од работната група за уставни измени.
„Во однос на комисијата таа веќе е во процес на формирање во Министерството за правда, кое ги објави експертите од политичките партии. Во текот на наредниот период тие ќе ги објават и експертите кои што доаѓаат од академската фела доминатно и од стручната, односно оние кои се занимавале со уставната проблематика во пракса и откако тоа ќе го направи Министерството за правда тогаш ќе започне пратичната работа на комисијата која треба да ги изработи амандманите и коишто потоа ќе бидат доставени до Владата и ќе влезат во собраниска процедура“, рече Ковачевски на прес-конференција.
Во однос на барањето на Македонците – муслимани да влезат во Уставот, премиерот рече дека тоа ќе биде исто така работа на комисијата, бидејќи не се работи само за едно барање туку се работи за повеќе барања.
Во однос на противењето на опозицијата за уставни измени, премиерот рече дека опозицијата беше против членството во НАТО, па ние сме членка на НАТО, беше против договорот со Фронтекс, беше против отпочнување на преговорите со ЕУ, а ние ги отпочнавме преговорите.
„Тие беа против преговарачката рамка, Собранието донесе заклучоци согласно преговарачката рамка така што останува на пратениците, а имаат демократски капацитет и визија да обезбедат европска иднина за граѓаните, бидејќи овде се работи за одлука за обезбедување на непречен процес за преговори со ЕУ и отворање на кластерите и доаѓање до следни одлуки за кои повторно е потребно двотретинско мнозинство сѐ до финалното пристапување во Европската Унија“, рече Ковачевски.
Хонорарите на експертите, како што кажа, треба да ги определи Министерството за правда.